Неодамна напишавме текст за Петро Порошенко: „Политичарите етно-филетисти насекаде се исти“, бидејќи побара решавање на украинскиот раскол од Цариград. Денес го гледаме и Зоран Заев со истиот пример ја потврдува еднаквоста на политичко – националистичките расколи. Кај мислечките луѓе, овие негови егзибиции немаат оправданување, зошто и тој и МПЦ која земал улога да ја застапува, се доволно возрасни да научат дека Цариградската патријаршија е само една помесна јурисдикција, која, иако е прва по чест, нема никаква надлежност над друга суверена јурисдикција. Дополнително, за територијата на РМ, таа, пред точно 100 години (грубо кажано) ги продаде своите епархии на СПЦ за 1.5 мил. франци.

Со оваа несериозност, Заев буквално ги повторува истите грешки како и неговите претходници Георгиевски, Црвенковски, Груевски (а како тргнал ќе го снајде нивната судбина). Тие започнаа или продолжија со прогон на канонската црква во РМ од една страна, а од друга, без никаква сериозна консултација се впуштија во авантура за решавање на верски проблем.

Затоа, пред нас се поставува едно клучно прашање: која е таа сила, кој е тој порив, на еден локален, минлив, секуларен политичар, наместо владините, да ги решава црковните прашања?
Одговорот, бездруго се наоѓа во Светото Писмо, каде ваквите појави се окарактеризирани како маловерност, човечка суета и умисленост на овие луѓе дека токму сега му „принесуваат служба на Бога“, бидејќи доаѓањето на власт е плод на некоја голема промисла.
Тоа е заблудата на властодршците, чии скриени желби највпечатливо ги изнесе бугарскиот академик Воденичаров, кој, иако со ништо не заслужен за почест, посака неговото име, со имињата на политичките лидери, вклучувајќи го и Заев, да бидат: „вечно запишани со светли букви во историјата, зошто ќе помогнат да се надмине расколот на МПЦ“.

Оваа влада е само една година на власт, а повеќе од 6 месеци се занимава со црковни проблеми. Дали таа доби мнозинство гласови за да прави верски смут во народот? Или можеби половина Албанци го гласаа Заев за да го решава расколот на МПЦ?

Г-дине Заев, време е што побргу да дојдете на себе, за да не се зголеми штетата која ја правите на државата и на МПЦ. Бидејќи, секогаш ќе го добиете отприлика истиот став на Црквата по ова прашање, изнесен неодамна од Митрополитот Волкокаламски Иларион од РПЦ, кој гласи: “Создавањето автокефални цркви е процес што не може да биде инициран од секуларната (политичка) моќ, бидејќи Црквата во современите држави е одвоена од државата и држава не би требало да манипулира со Црквата, вклучително ни за изборни кампањи или за било какви други политички цели.”