Голем дел од клирот на МПЦ, новинари и „експерти“, еуфорично се израдуваа од приемот на владиното писмо во Цариградската патријаршија и нејзиниот одговор за решавање на расколот на МПЦ. Еден расколнички владика дури додели и почесна магистратура на еден член на расколот, за заслуги во толкувањето на нештата.

Сепак, видеово кажува сè и потврдува дека самоизолацијата на МПЦ го прави своето, па дури и основната дипломатска култура за МПЦ останува целосно непозната.
Станува збор за следново: секој што официјално ќе се обрати до Црквата, ќе биде соодветно третиран. Тоа едноставно е еден обичен дипломатски, цивилизациски протокол.

Недоветните епископи на МПЦ го направиле тоа повеќе пати и добиле одговор каков што добиле, а овој пат тоа официјално го прави Владата, со потпис на Премиерот на РМ. Бидејќи ова е прво вакво официјално обраќање, Цариградската патријаршија од куртоазија одговара. Одговорот е исклучиво дипломатски, прикладен за ваква прилика и нема ништо спектакуларно, ниту ветувачки во него.
Тоа дека: ќе направи сè според одредбите на историско – канонскиот поредок, значи упатување кон она што сите веќе го знаат, дека историски и канонски, МПЦ е внатрешно прашање на една помесна, суверено призната јурисдикција – СПЦ, уште попрецизно на автономната ПОА.

За да нема во иднина повторно вакви нереални надежи кои ќе креираат клима за поголеми разочарувања, го повикуваме расколничкиот клир уште сега, веднаш да се врати на вистинскиот пат.