Девастирачката сила на расколот се огледува на дело преку пандемијата. Светот тоне пред закана од вирусот кој најпрво влезе во Црквата како вирус на раскол. Кога Црквата е во обид да се руши, се руши и светот со неа, зашто Црквата го држи светот.

Што направија јавачите на апокалипсата заедно со паствата која слепо ги следи? Тие, скапоцениот бисер на Црквата, драгоценоста која, кога ќе ја најде човек, од радост, оди продава сè што има за да ја придобие – ја раскинаа. Дарот на единство меѓу христијаните го растурија; народот Божји го разделија.

„Кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зеницата на окото Мое“ – вели Господ (Захар. 2, 8).

Овие разделувачи се допреа до најсветото во Бога. И не покажаа грижа поради тоа, ниту страв Божји за последиците.

„Тие станаа и згрешија пред Него; тоа не се Негови деца поради пороците свои… тие се народ, што го изгубил расудувањето и нема разум… (расколот) ли Му го воздавате на Господа, народе глупав и безумен?“ (5.мој. 32, 5-6-28).

Затоа сега – вели Апостолот – поради престапите и непослушноста, ја примаме праведната отплата (Евр. 2, 1-2).

И никој веќе не може да ја избегне, зошто „сите сме криви за сѐ“ – ќе рече Св. Јустин Ќелиски.

Наше е како христијани смирено да се молиме. А задача на разделувачите во овие денови на подвиг е да ги преиспитаат делата. Ако не поради нив самите, поради децата кои ги следат за да не го умножуваат заедно гревот на расколот, а со него и проклетството Божјо кое допрва ќе следи со излевање нови и нови чаши од гневот Негов. Зар малку се илјадниците животи дадени овие денови; зар малку е што храмовите се затворени?

Ваша светост господине Вартоломеј, господине Теодор, господине Јерониме, отстапете од погрешните одлуки, обновете го единството во тајните, вратете ја љубовта меѓу христијаните, зашто чистотата на верата единствено се чува преку единство во љубовта (Св.Кипријан Карагински). Не го распнувајте повторно Христос, не го раскинувајте ниту Хитонот Христов, кој не беше раскинат ниту од оние што фрлаа ждреб, а во кој сите ние се облековме на крштевањето (Св.Кипријан Карагински). Помислете на светот, помислете и на вашиот народ, зашто гревот ваш највеќе ќе падне врз вас и вашите деца.

Да побрзаме сега сите заедно со расудување во единство кон најслаткиот Христос, додека не е прекасно. Воскресението кое следи е можност сѐ да се исправи доколку имаме вистинско покајание и одлучност за тоа. Воскресението кое ни доаѓа е можност да им ја вратите славата и угледот на вашите катедри, за да може православието да стане уште поцврсто, обединето со силата на Отецот, Синот и Светиот Дух, Амин.