Ова се зборовите на познатиот грчки старец, големиот познавач на Светите Канони, бескомпромисниот застапник на Светото Предание и критичар на Екуменизмот, Епифаниј Теодоропулос, упатени во отворено писмо до цариградскиот патријарх Атинагора, инаку зборови многу актуелни во сегашно време со последниве излети на сегашниот патријарх Вартоломеј:

“Неброено пати е попожелно да се искорени историскиот Трон Цариградски и да се пресади на некое пусто островче на морската шир, дури и да се потопи во длабочините на Босфорот, отколку да се проба дури и најмало отстапување од златната патека на Светите Отци, кои едногласно извикуваат “Нема попуштање во прашањата за Верата”.

Седумте свеќници на Апокалипсата, заради гревовите наши, одамна се угасени. Седумте Цркви апостолски, Цркви кои имале најголема чест да примат Писма од Небото преку боговдахновениот Боговидец од Патмос, исчезнаа од лицето на земјата и таму каде што е вршена страшната Жртва и пеена Химната на Света Троица, денес по своја прилика гракаат гаврани и “играат
демони”.

Но сепак, Невестата Господова не умрела. Црквата Христова не исчезнала. Го продолжува, разранета и раскрвавена како и нејзиниот Устроител, но вечно жив и непобедлив, својот пат низ вековите, просветлувајќи, грижејќи се, оживувајќи, спасувајќи.

Нема, значи, да умре таа, дури иако се премести или умре Вселенскиот Трон. Ниеден Православен не посакува преместување или смрт на Вселенскиот Трон. Не дај Боже!

Но, и ниеден нема да жртвува заради него една јота или една црта од Православната Вера.

Се борите за него со сета сила. Не само да имате право, туку и должни сте да го зајакнувате, според Вашите сили. Жртвувајте за него било што: пари, имот, чест, слава, скапоцености, Ѓакони, Презвитери, Епископи, дури и самиот патријарх Атинагора!
Едно само држете, едно чувајте, едно зачувајте недопрено, едно само немојте да жртвувате: Православната Вера!

Вселенскиот Трон има значење и корист само и исклучиво кога сјае низ земјата најслатката и незнајна Светлина на Православието. Светилниците се корисни кога и доколку им го осветлуваат патот на морнарите, како би ги избегнале карпите. Кога нивната светлина ќе се угаси, не се само бескорисни, туку и штетни, бидејќи и тие се претвораат во карпи.