(за пословичната неодговорност на владиците од МПЦ)

Деновиве, најпопуларниот портал за разонода и забава Оф-нет, алудирајќи на неодговорниот и несериозен однос кон јавноста на владиците на МПЦ, гневно и со презир ќе забележи: “Откако генералштабот на МПЦ си ја најдоа мајката (едно * интервју не дадоа за на паствата да ѝ го објаснат овој коперникански пресврт)…”!

Во друг актуелен случај, новинската агенција “Макфакс”, ќе констатира: “Владиката Петар ѝ измислил непостојна болест на шумата што сака да ја сече, жителите велат сака да профитира”! Таквата, пак, констатација ја извлекува од мислењето на најрелевантната институција во земјава за таа тема, цитирајќи: “не постои канадска болест поради која владиката Петар сака да ја сече шумата во ресенското село Јанковец, тврди Шумарскиот факултет.”!

Пред десетина дена, на обвинувањата од планинарската федерација дека незаконски си го припишале планинарскиот дом во Матка, од МПЦ се бранеа дека поседувале тапија за домот, за потоа луѓето од федерацијата да ја објават тапијата од која се гледа дека истата е во сопственост на Српската Православна Црква, издадена од страна на Кралството СХС и не се однесува на објектот, туку на земјиштето!

Пред повеќе од два месеци, пак, сите бевме сведоци на изјавата на владиката Тимотеј за “Гласот на Америка”, во која од ракав тврдеше дека преку иницијативата за усвојување на МПЦ од страна на БПЦ, нејзиниот статус ќе се реши за месец дена, преку сила – два!

Владиците на МПЦ, просто да не зинат, а да не излажат! Со други зборови, овие луѓе се толку раскомотени во својата “општествена” положба на државни миленичиња, што одамна загубиле секакво чувство на одговорност за своите изјави и постапки. А камо ли, да почуствуваат потреба да дадат отчет за својата работа во јавноста или да излезат на јавна дебата за прашањата и дилемите за кои се најповикани да имаат став.

Но, што поразлично може да се очекува од луѓе кои ни своите официјални одлуки не ги почитуваат и спроведуваат? За илустрација, овде ја приложуваме одлуката за расчинување на дедо Петар од 1990 година, којашто се’ уште не е спроведена, до денешен ден!