За разлика од некои наши политичари, Архиепископот Охридски Јован никогаш не избега од сопствената татковина, ниту побара азил во странска земја, и токму заради подготвеноста да страда за Соборноста на Црквата во текот на 12 години беше затворан осумпати во Идризово и Шуто Оризари за што беше и прогласен за политички затвореник.

Денес ви ја пренесуваме обемната документација од гонењето на Архиепископот Јован, заради неговото непоколебливо сведочење на вистината на нашата вера.

Во завршниот збор за случајот во кој беше осуден за распалување на национална, расна и верска омраза и нетрпеливост, тој истакна: “Под ниту еден услов, па дури и под уште поголем притисок од страна на властите во Р. Македонија нема да ја предадеме својата вера, православна христијанска, и во тоа Господ нека ни е на помош. Тоа го докажавме во многу искушенија и судења. Значи не се работи за страв дека ќе бидеме казнети, па заради тоа го негираме обвинението или сакаме да го смилостивиме судијата. Истото го негираме само затоа што е неосновано и крајно бесмислено. Да обвиниш еден Епископ на Православната Црква дека ширел национална и верска омраза и нетрпеливост во услови на демократско општество е повеќе од неодговорно. Тоа е теоретски можно само во фашистички општества во кои, ќе повторам, теоретски, Црквата влегла во служба на државата.
Евангелието на кое му служам како Епископ, на секаде во светот е познато дека шири љубов, мир и единство. Веќе споменав дека истото учи на еден краен максимализам, да ги љубиме дури и непријателите. Тоа била моја програма на работа од првиот ден на моето стапување во свештенички чин, тоа ќе биде и до последниот. Ви тврдам дека дури и да ме затворите или осудите на смрт, јас ќе му останам верен на евангелието и нема да се откажам од она кое го проповедам и живеам, но во тоа што го проповедам и живеам исто така тврдам дека нема распалување на омраза или нетрпеливост од било кој вид.”

Повеќе: