Претседателот Иванов неодамна се врати од Цариград, па сакаме да ја коментираме неговата, по кој знае кој пат, залудна посета на Фанар. Залудна, зошто во неговиот двоен мандат, оствари толку многу средби со Вселенскиот Патријарх, веќе не се ни паметат, а не постигна, буквално никакви резултати, за кои на почетокот на долго и широко плачеше: „неговата расколничка МПЦ да излезе од расколот и да биде призната“.
Според евангелската изрека: „по плодовите ќе ги познаете“, заклучуваме дека Иванов е станат само еден стерилен човек, вистински „фикус“ како што некои го нарекуваат, бидејќи не дава никакви плодови. Но, тој ѝ не е обичен „фикус“, та со толкава леснотија, „секој викенд“ да го поминува на државен трошок во Цариград. Тој е Претседател на држава и од него се очекуваат резултати!

Слично на Иванов, медиумите соопштија, дека и Украинскиот претседател, Петро Порошенко, во ист ден со Иванов, по Велигден, бил кај Вселенскиот Патријарх. Чиниш, политичките лидери на расколите во своите земји, имаат заедничка, симултана офанзива за надминување на расколите, штом за така кратко време се изредија кај Вселенскиот Патријарх?
Така, Порошенко по посетата, како и нашиов Иванов некогаш, со лажни надежи и ветувања настапи во Украинското Собрание и во јавноста. Па како што и дедото Тимотеј од МПЦ, неодамна во еден траги-комичен настап тврдеше дека „за два месеца МПЦ ќе биде признаена“, така и овој политички манипулант, ја подгреа јавноста дека: „Украина, како никогаш порано е блиску до обновувањето на сопствената автокефална помесна црква“, која ќе се случи во следните три месеци.

Се разбира од овие празни ветувања нема ништо, зошто Вселенскиот Патријарх, за жал е нивна дестинација само за сликање, а не и нивна вистинска адреса за решавање на црковните проблеми кои ги имаат. Вселенскиот Патријарх, е само прв по чест меѓу православните и нема никаква јурисдикциска надлежност ниту во Украина, ниту во Р. Македонија. Во православието нема Папа.

И на државен план, ниту една земја кандидат не може да влезе во НАТО со прием од само една членка. Не може Р. Бугарија да рече: „ја примаме Р. Македонија за членка на НАТО“, туку мора сите членки да се согласат. Како не им е јасно на овие лицемери Иванов и Порошенко дека е исто и во Црквата, не те прима само една црква за автокефална, туку сите. И зошто двајцата, се потчинуваат на НАТО принципите, а самите не ги почитуваат црковните принципи.

Затоа овие политиканти уште долго ќе си останат жртва на своето политиканство. Нивните излети до Истанбул, ќе останат обичен политички маркетинг, евтин популизам, иако со мирис на нечист дух во нив. Оној дух на суета и умисленост опишан во Евангелието, кога се уверени дека му „принесуваат служба на Бога“. Токму онака, како што јасно ја покажа еден од идејните предводници на потенцијалниот раскол на БПЦ, академикот Воденичаров (кој, иако со ништо не заслужен), посака неговото име заедно со имињата на политичките лидери да бидат запишани: „со светли букви во историјата“, зошто ќе „помогнале“ да се надмине еден раскол.
Всушност, нивниот ефект е сосем спротивен. Сите тие, и Борисов, и Врабевски, и Заев, и Иванов и Порошенко, се, и ќе продолжат да бидат, подбуцнувачи на уште поголеми раздори во Соборната Црквата.