До: Амбасадорот на Германија во РСМ
Ms. Anke Holstein

Ваша Екселенција, почитувана Амбасадор Анке Холштајн,

моето обраќање до Вас е израз на протест по повод церемонијата „Награда за Човекови Права – FES Human Rights Award 2020”, за Премиерот на Северна Македонија г. Зоран Заев, доделена од владината фондација Фридрих Еберт и врачена лично од Сојузниот Министер за Надворешни работи на Германија г. Хеико Мас на 16. 11. 2020 година.
Ви се обраќам како засегнат граѓанин, припадник на Православната Охридска Архиепископија, чии елементарни човекови права, поточно правото на слободно практикување на верата со години наназад се крши, токму од политиката на Зоран Заев. Веројатно немаше да Ви се обраќам доколку некоја фондација одлучеше да награди некој политичар. Но, бидејќи во настанот е инволвиран и Сојузниот Министер за Надворешни работи, како една од водечките личности на германската политика, ценам дека не треба да се молчи пред релативизирањето на прашањето на верските слободи, како дел од човековите права, кои се круцијални вредности во Европската унија.

За Ваша елементарна информација, ќе го издвојам само следниов факт: токму на истиот ден со наградувањето на Зоран Заев за неговите достигнувања во областа на човековите права, но три години порано, значи, на 16. 11. 2017 г., Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), објави пресуда за случајот: „Православна Охридска Архиепископија (ПОА) против Бившата Југословенска Република Македонија (БЈРМ)“. Пресудата констатира дека: „БЈРМ го прекршила Членот 11 (слободата на собирање и здружување), во врска со Членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата), од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)“, и ѝ наложува на државата: „да преземе мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од истата“. Поминати се веќе три години, а владата на Зоран Заев нема преземено ниту еден чекор да ја спроведе пресудата на ЕСЧП, т.е. ПОА да биде правно регистрирана како верски субјект и со тоа да овозможи на нејзиното повеќеилјадно членство, легално практикување на основното човеково право – правото на слобода на вероисповед, како темелна вредност во секое демократско општество. Напротив, очигледна е тенденцијата на политиката на Зоран Заев, да не ја спроведе на дело конкретната меѓународна пресуда од Стразбур.

Ваша Екселенцијо, почитувана Амбасадор Анке Холштајн, јас ги разбирам немоќта или немањето волја на Германија, како земја претседавач со ЕУ, да направи нешто, во однос на пристапните преговори на Северна Македонија по ветото од Бугарија. Но, доколку сакавте „да му подметнете мокар пешкир“ на Премиерот Заев, како поткрепа додека „лежи на подот, од политичкиот нокаут на Бугарија“, подобро ќе беше да го изведете тоа на друг начин. На пример, таа социјал-демократската фондација, како на човек со иста политичка определба, од сестринска партија, можеше да го „тапка по рамо“ Зоран Заев со награда за некакви, на пр. „заложби за градење добрососедски односи“, или некакви „заложби за мирно решавање меѓудржавни спорови“ и т.н., но апсурдно е, тоа да го прави со награда за зацврстување на човековите права. Ви повторувам, Заев ги гази човековите права и иронијата да биде поголема, тој со години не спроведува пресуда на Европскиот суд за човекови права, донесена токму на денот кога добива награда за човекови права.

Моите христијански и академски сфаќања за почитувањето на човековите права, не се состојат во тоа колкави права ужива мнозинството, туку колкави права имаат и какви слободи уживаат, припадниците на помалубројните, нефаворизираните заедници во општеството. Конечно, каква врска има клучниот аргумент на споменатата фондација – дека Зоран Заев е потписник на некакви билатерални договори помеѓу држави -со почитувањето на човековите права? Не сме сите толку наивни во Северна Македонија!

Следствено, инволвирањето на вашиот Сојузен Министер за Надворешни работи и други официјални лица од германската политика, во доделување награда за човекови права, на човек, кој ги гази верските слободи, претставува хипокризија, која ја повредува човековата интелигенција. Оттаму, со ова писмо ја изразувам загриженоста, како е возможно една толку моќна администрација како Вашата, да го занемарува сето ова погоре наведено во однос на верските слободи како основно човеково право, и толку ниско да го спушти критериумот за истите, та воопшто да не ги забележува (се разбира, покрај останатите), како клучни во едно општество од 21 век.
Ве информирам дека со содржината на ова писмо ќе запознаам дел од медиумите и релевантните институции на меѓународната заедница, присутни во Скопје.

Со почит,
Георги Тасев, дипломиран правник
Скопје, 17. 11. 2020 г.