На грчката национална телевизија ЕРТ1, во емисијата „Фокус“, се водеше дебата за најновите црковни случувања. Во еден дел од емисијата (од 45:30 мин., до 1:00:00), учесниците се осврнаа и на црковната состојба во Р. Македонија.

Притоа, Митрополитот на Александруполи Антим од Црквата на Грција изјави: „Ако ми дозволите, Црквата на Скопје не бараше ниту автономија, туку едноставно го замоли Патријархот да биде вратена во канонски поредок. Во писмото до Патријархот пишува враќање во канонски поредок. Значи, на еден скромен начин напишано, не бараа ниту автокефалија, ниту автономија“.

Епископот Авидски Кирил, како претставник на Вселенската Патријаршија рече: „Не треба да ги мешаме двете барања, автокефалијата во Украина и автокефалијата во Скопје, тоа се канонски различни теми, бидејќи Украина е канонска територија на Вселенската Патријаршија и никогаш не е доделена на Московската Патријаршија, додека Скопје со синодски Томос е доделено на Српската патријаршија. Следствено автокефалија на Скопје од страна на Цариград, би значела отповикување на синодскиот Томос. Не знам колку би продолжила Вселенската Патријаршија во таа насока, бидејќи тогаш ќе бидат поставени сите синодски Томоси под сомнеж“.

Деканот на Теолошкиот факултет во Солун Теодор Јанку, изјави: „Знам многу добро дека Константинополскиот Патријарх, генерално, не ќе сака да направи било што за областа на Скопје, без мислењето на Српската Патријаршија. Факт е дека Патријархот сака соработка со Српската Патријаршија“.

Новинарот Андреас Лударос истакна: „Таканаречената „Македонска православна црква“ е творба на политиката. Оние кои годиниве наназад ја направија пропагандата во соседната земја направија и една црква која ја нарекоа македонска и ја поставија во системот на животот, туркајќи ја на страна канонската Охридската Архиепископија. Македонската црква е рожба на политичарите и да ги кажеме работите како што се, таа црква се има уверено дека не може повеќе сама. Тие немаат никаква врска со останатиот православен свет. Живеат осамени и повеќе не можат да го издржат тоа. Бараат да се вратат во православното семејство. Пробаа да го направат преку Бугарската Патријаршија, но таа не може да им помогне. Така принудени се да ја замолат Вселенската Патријаршија да им ја отвори вратата на православниот свет и да влезат внатре. Е сега, за да влезат, очигледно постојат правила, канони. Црквата е еден систем од две илјади години, која за цело тоа време има изградено конкретни канони, услови, и од моментот кога бараш да влезеш во тој систем, најмалку што треба да направиш е да ги прифатиш каноните“.

Останува на новинарите во Р. Македонија да побараат неканонската МПЦ да го покаже писмото што го има испратено до Вселенската Патријаршија, како што тоа го направи премиерот Заев, кој несмасно и противуставно се вмеша во црковните работи. И, конечно да отворат дебата за црковното прашање и да сфатат дека без канонската црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија, нема решение за МПЦ. Колку побрзо го сфатат тоа, толку побрзо и побезболно ќе се реши проблемот.

Повеќе: