(Кратка анализа по интервјуто на игуменот Партениј за „МИА“, на 04.01.2018г.)

Секое ново обраќање во јавноста на водачите на расколот, или е клевета или е лага, и само поубаво ја формира сликата за нив, како духовно незрели лица кои се веќе целосно разобличени. Затоа може слободно да кажеме, му благодариме на Бога што ни ја покажува оваа нивна состојба, за да знаеме со кого си имаме работа, иако чувствуваме огромна тага поради нивното стадо, кое по сила на приликите е заробено во раскол, според зборовите од Евангелието: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат.“

Овие зборови Христос денес повторно му ги упатува на игуменот Партениј. Но овој лицемер, свесно манипулира со своето стадо и со јавноста, продолжувајќи по свое. Та, наместо отворено да признае дека единствениот пат, односно, дека не постои друг начин за негов влез во Соборната Црква, освен преку СПЦ, го гледаме во интервју за „МИА“, како без основ ја подгрева надежта кај народот дека некоја комисија во БПЦ, само што не го решила неговиот раскол.
Притоа, тој не кажува дека иста ваква комисија во БПЦ постоеше и пред 17 години и дека разговараше со сите помесни цркви, но не даде никаков плод. Тогаш, зошто денес би било поинаку игумене Партеније?

За секој разумен човек, јасно е дека повторното формирање на ваква комисија, не е ништо друго, но обичен компромис на БПЦ со тамошната јавност, за да ги задоволи нејзините националистички апетити, бидејќи е обвинета за пропуштање на оваа „once in a life time“ прилика.

Партениј, веќе одамна не го крие и својот анимозитет кон СПЦ. Неговата помраченост оди дотаму, што обвинувајќи еден архиереј на СПЦ, пропушта да даде одговор на целиот Синод на Грчката црква, иако ја споменува, која на истата тема му порачува дека е: „загрижена, заради мешањето, на БПЦ во јурисдикцијата на друга Црква, чин, спротивен на Светите Канони и на Преданието на Црквата, што може да биде почеток на немили собитија“.

Овој лицемер уште вели дека „ќе го бранел православието од раздор“, а самиот го создава, и живее во раздор со православието. Иронија, која секој разумен човек лесно ќе ја увиди.

Неговиот термин „сурова изолација“, не е ништо друго, туку состојба исклучиво настапена во неговиот ум. Да не заборавиме дека, тој е во раскол со целото православие, и тоа по негов личен избор, а не некој друг. Луѓе, кои не сакаат, денес во Р. Македонија, не се во раскол. За човек кој љуби, не може никаков услов или барање, наводно наметнато од друг, да биде пречка во љубовта кон Бога и Соборната Црква.

На крајот, ако продолжи вака, Партениј со својата упорност во гревот на расколот, само ќе го имитира сатаната во неспособноста за покајание, а, ќе им го продолжи пеколот на оние кои му се довериле, секогаш барајќи начин, како „ајдук и разбојник“ да ја прескокнува оградата, во обидот да влезе во Црквата.