„Пророк ли излеговте да видите? Да, ви велам и повеќе од пророк“(Мат. 11,9).

Пророкот не е само оној Божји избраник кој метафизички ги гледа идните случувања. Пророк е и секој неуморен работник на лозјето Христово, непресушниот проповедник на кој оган од вера му пламти од неговите зборови. Пророк е бестрашниот исповедник на Христовата вистина во овој свет, наспроти сите гонења, лажни богови, расколи, наспроти сите лажни вредности во овој свет.

Ете, таков пророк е Високопреосвештениот Митрополит Амфилохиј. Првата асоцијација со него ни е – големиот Мојсеј. Така и блаженоупокоениот Митрополит, вистински духовен горостас, човек со изобилна, огнена вера, со неизмерна љубов кон сиот свој народ, кон Црквата. Тој ја воскресна неговата Црна Гора од комунистичкиот пустош, духовно ја изгради, дополнително помина и 30 години со својот народ во политичката пустина на сатрапот Ѓукановиќ. И кога конечно го победи, им остави на идните генерации светла и подобра, демократска и христијанска иднина, па мирно си замина. Нека му е вечен споменот.

Нема да остане незабележан ниту неговиот последен плач по разрушеното единството во Црквата кое го приреди истанбулскиот патријарх Вартоломеј, кога на два месеци пред упокојувањето ги повика Московскиот и Истанбулскиот патријарх во Подгорица, на местото каде тие двајцата заедно, посадија дрвца во знак на единството, за братски да го повратат тоа загубено единство. Настанот не се случи, но нека биде за поука на сите, како светите луѓе љубат.

За жал, како што рече Христос, нема пророк без чест, освен во земјата негова. И нашата Македонија, исто така беше духовно негова земја. Но, Митрополитот Амфилохиј во Македонија, помеѓу расколниците беше неправедно омрзнат од сите политички и медиумски чинители. Дури и во мрачни песни опеан како непријател, тој, кој ги љубеше и им помагаше на расколниците.

Митрополитот Амфилохиј ја користеше секоја своја можност да ја посети нашата држава, да се поклони на светите места, но и да ги прегрне неговите ученици и познаници кои застранија во расколот: Стефан, Тимотеј, Петар, Наум… Тие, како и секогаш, остануваа студени, поради закоравеноста на срцето нивно. Денес, тие загубија еден од најголемите пријатели во СПЦ, кој неуморно живееше со надеж за МПЦ и секогаш се застапуваше за нив, иако грешеа. Тие сега не се ни свесни за тоа, но, со доаѓањето на новите генерации, ќе жалат за старите времиња и пропуштените можности. А љубовта на Митрополитот Амфилохиј ќе ја видат на страшниот суд.

Митрополитот, во едно од своите јавни обраќања на темата за расколот на МПЦ, кажа:
– „Улогата на Христовата црква, од нејзиното основање па сè до денес, и до крајот на светот и векот, не е да создава нации – народи, туку од сите земски народи, да создаде еден Божји народ, род избран, свет народ.
Меѓу тие народи, денес постои и македонскиот народ. Тоа е факт што Православната српска црква, а и јас, лично, го прифаќаме и го признаваме!

Од епископите на МПЦ никој не бара да се вратат во српската, грчката, бугарската црква – туку само да се вратат од расколот во канонска состојба, за да може црквата потоа да предложи канонски пат за целосна независност на МПЦ. Се надевам дека тоа некогаш ќе им стане јасно на сите во Македонија“, дополни Митрополитот.

Царство му небесно и вечен спомен!