Оваа и уште многу други интригантни тези, прочитајте ги во интервјуто на агенцијата ФОКУС (Р. Бугарија) со д-р Борислав Цеков, професор по компаративно уставно право и јавна администрација на УНСС и по црковно право на Православната духовна академија “Св. Кирил и Методиј”, коешто ексклузивно Ви го пренесуваме во целост.

ФОКУС: Д-р Цеков, македонската црква се обрати кон БПЦ за признавање. Како автор и предлагач на актуелниот Закон за вероисповести и наставник по црковно право во вишата школа на БПЦ, како го оценувате овој настан?

Борислав Цеков: Ова писмо не е изненадување и треба да се разгледува во контекст на политичките придвижувања и напори, поврзани со интеграцијата на западниот Балкан, во ЕУ. Овој црковен демарш од македонска страна е директен израз на таквата политичка ситуација. Но, треба јасно да се потцрта дека односот кон во моментов расколничката МПЦ е исклучиво црковно прашање, кое треба да се решава без световни емоции, без политички притисок и исцело врз начелата и принципите на православното канонско право. Не треба да се дозволи световно и политичко мешање во автономијата на БПЦ, која е дел од вселенското православие, од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, е не оддел на бугарското Министерство за надворешни работи или алатка за остварување на инаку нѝ справедливите и патриотски национални аспирации, какви што ставови можат да се чујат во јавноста. Прашањето не е едноставно и не е во доменот на секуларната политика, а уште помалку на рамништето на упростеното разбирање дека станува збор за чин сличен со дипломатското зближување на Република Бугарија и Република Македонија, коешто сите го поздравуваме. По својата правна природа, ова се целосно различни прашања и државата треба да остане максимално воздржана во донесувањето на суверено црковно решение.

Фокус: Што поточно имате предвид?

Борислав Цеков: Прашањето за претпоставеното признавање на МПЦ, која во моментов функционира надвор вселенската Црква, како неканонска и непризната ерарахија, не е прашање што ја засега само нашата помесна Црква, туку и вселенското православие во целина. Во православната црква не постојат националности и народности, туку рамноправни христијани. Треба да се води сметка дека според каноните и теологијата Црквата е една, а помесните Цркви се нејзини неделиви делови, а не изолирани институции кои живеат некаков си сопствен живот. Признавањето на автономијата или автокефалноста на локалната црква е прашање уредено со православните канони и традиции. Секогаш во историјата имало влијанија и интервенции од државно-политички фактори, но на крајот каноните опстојувале и сѐ уште се на сила, бидејќи се боговдахновени. Ова не се некакви парламентарни закони или владини одлуки што можат да се менуваат според гледиштата, идеологиите или потребите на историскиот момент. Канонскиот корпус не подлежи на промени од страна на одделни помесни цркви, а кога некоја помесна Црква ги отфрла или не ги почитува каноните, тоа води до нејзино отпаѓање од православното христијанство, кое може да стигне дури до раскол и ерес.

Фокус: Што конкретно предвидуваат каноните и традицијата на православието во овој случај?

Борислав Цеков: Видете, постои принципиелна позиција дека отцепувањето на една црковна ерархија од јурисдикцијата на друга, не е унилатерален чин. Тоа треба да биде признаено најпрвин од кириархалната црква, односно од црквата-мајка и згора на тоа, да биде одобрено од останатите помесни цркви или барем од мнозинството. Тоа произлегува уште од 28-то апостолско правило, а подоцна е пошироко уредено со 5-то правило на I-от Вселенски собор, 8-то правило на Третиот Ефески собор, 28-то правило на Халкидонскиот собор и редица други. Во однос на свештенството, се вели: “екскомунициран од еден, да не биде прифатен од други”. Заедно со тоа, каноните пропишуваат дека само во случај црквата-мајка да потпаднала во ерес, одделувањето од неа и формирањето на автокефална помесна Црква е можно без нејзина согласност. Ова е 15-то правило на т.н. Двоеден Вселенски собор. Основен принцип и во канонското и во световното право е дека „никој не може да пренесе некому повеќе права, отколку што самиот има.“

Фокус: Како конкретно треба да биде разгледувано ова прашање?

Борислав Цеков: Првично овој тип прашања биле решавани на Вселенски Собори. Но, со милениуми не биле свикувани нови вселенски собори. Затоа прашањето за автономијата и автокефалноста секогаш се решавало преку црковна дипломатија и усогласување помеѓу помесните Цркви. Бидејќи тие заедно, а не одвоени, ја сочинуваат универзалната црква. Неопходно е најнапред да постои синодска или поширока соборна одлука на црквата-мајка, придружена или проследена со признавање на овој чин од страна на останатите цркви. Така ја добива, на пример, својата автономија и нашата црква во 870 година, кога на помесниот собор на Константиполоската патријаршија, под чијашто надлежност се наоѓала бугарската диоцеза после покрстувањето, е призната Плисковската Архиепископија како автономна помесна Црква под туторство на црквата-мајка – Цариградската патријаршија. Тогаш овој чин е признат и од присутните претстојатели на останатите четири древни патријаршија и од делегатите на римскиот епископ. Подоцна, токму Цариградската патријаршија ја признава автокефалноста и издигнувањето во патријаршиско достоинство на Преславската Патријаршија во 927 година, за што сведочи и еден важен историски извор – т.н. Париски ракопис. На овој начин – преку признавање од црквата-мајка – во различни периоди ја добиле својата автокефалија и српската, руската, романската и останатите помесни цркви. Во конкретниот случај со македонската црква, надвор од секое сомневање е дека таа се одвои од утврдената црковна јурисдикција на Српската православна црква. Оваа јурисдикција е признаена од страна на БПЦ. Факт е дека територијата на денешна Македонија била во диецезата на бугарската помесна црква со векови, со исклучок на дел од XIV век, кога српското Душаново царство владее во овие краеви и Скопје бива вклучено во диецезата на Пеќката патријаршија, како и помеѓу двете светски војни. Но исто така е неоспорен факт дека врз основа на резултатите од Втората светска војна и утврдените државно-политички реалности, по 1945 година Македонија се наоѓа под јурисдикција на српската црква, и тамошните епархии се исклучени од диецезата на БПЦ. Нашата црква го признала тоа со експлицитни одредби на своите статути од 1953 година, до овој последниот, усвоен на црковниот собор во 2008 година, каде што детално се опишани пределите на нејзината црковна диоцеза и јурисдикција.

Фокус: Зошто тогаш од македонската црква бараат признавање од БПЦ?

Во процесот на измислување и практично спроведување на концептот за постоење на “македонски народ”, се појавува и заложбата за создавање на “национална” македонска црква. Така било одлучено на едно собрание (првиот црковно-народен собор) во 1945 година, самоволно објавувајќи дека ја обновуваат Охридската архиепископија. Овој чин е во спротивност со утврдената црковна јурисдикција на Српската православна црква, која како црква-мајка одбива да признае независна ерархија во Македонија. Во 1967 година, македонската црква повторно се самопрогласила како автокефална, прекршувајќи ги црковните канони. Од таа причина, денес таа не е препознаена од ниту една локална црква. Досега, со децении македонската црква го барала своето канонско признавање таму, од кадешто единствено и може да го добие – од Српската православна црква. Во 2002 година имаше дури и обид за потпишување на т.н. Нишки договор, за надминување на расколот со давање широка автономија на македонската црква, во рамките на Српската православна црква. Но, потоа односите се влошија дополнително и стигнаа дотаму што пред неколку години – во 2005 година, српскиот синод го исклучи од православното христијанство, не само свештенството, туку и мирјаните кои припаѓаат на македонската црква. Една многу тешка и болна санкција за нашите браќа во Македонија. Откако повеќе од пет децении тие бараа признавање од српската патријаршија, сега се одлучиле да се обратат кон БПЦ, обидувајќи се да ја искористат политичката атмосфера. Но, ова не е прашање што нашата црква може да го реши еднострано и независно, без согласност на другите локални цркви. И тука не станува збор за вулгарното сфаќање на работите, според кое “владиците ќе чекаат што ќе им нареди Москва и вселенскиот патријарх”, туку за почитување на каноните и нивните прописи, без коешто секоја помесна црква би се поставила надвор самото православие.

Фокус: Но, од македонска страна тврдат дека по однос на Охридската архиепископија, којашто тие ја возобновуваат, историски гледано БПЦ е црквата-мајка.

Борислав Цеков: Сегашната самоволно прогласена за “Македонска православна црква-Охридска архиепископија”, црковна ерархија во Македонија, нема никаква врска со историската Охридска архиепископија, која е неодвоив дел од историскиот развој и правниот субјективитет на Бугарската православна црква. Точното име на архиепископијата е “Охридска Архиепископија на Прва Јустинијан и на цела Бугарија “и таа е наследник на намалената од патријаршија во архиепископија помесна Црква, после падот на Бугарија под византиско владеење. Таквиот статус и наследство на Охридската архиепископија од Преславската Патријаршија се утврдени со дури три грамоти (хрисовули) на византискиот император Василиј Втори, од 1020-25 год. Без оглед на историските перипетии и притисок, обидите за елинизирање, стеснувањето на нејзината диецеза во времето на турското ропство, до нејзиното насилно бришење со султански акт – ираде, во 1767 година, Охридската архиепископија е помесната црква преемница на самостојната помесна Црква, која ги опфаќала териториите на средновековната бугарска држава. Апсолутно шпекулативни и во духот на измислениот македонизам се некои позиции во руската наука, како и во денешна Македонија, кои ги премолчуваат овие правни и историски факти претставувајќи ја Охридската Архиепископија како нешто што е поврзано со историјата на Македонија, а не на бугарската држава и народ. Во таа смисла, претензиите содржани во уставот на МПЦ дека таа е наследничка на Охридската Архиепископија, се лишени од било какви канонски и историски основи. Едно евентуално признавање од страна на Бугарската православна црква на таквата претензија би претставувало откажување од огромниот дел од бугарската црковна историја и идентитет. Впрочем, не е случајно што во чл. 1, став. 3 од Статутот на БПЦ е запишано дека БПЦ е наследник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија. Тоа се фактите.

Фокус: Со други зборови, не очекувате позитивно решение на прашањето од страна на БПЦ?

Борислав Цеков: Што ќе одлучи Светиот Синод на БПЦ е исцело во негова власт. Сигурен сум дека нашите архиереи ќе ги почитуваат принципите на канонското право и единството на црквата. Треба да се поттикнува и охрабрува доброто расположение во односот кон Македонската црква и кон нашите македонски браќа. И затоа е добро БПЦ да има иницијатива за активно, но канонски прилагодено застапништво пред останатите помесни цркви, а во прилог на едно идно признавање на автономен статус за македонската црква. Но, едностраните и некоординирани акции се ризични и неприфатливи. Според мене, сепак би морало, во целата негова острина да се постави прашањето за неоснованите претензии на македонската црква, да биде наследник на Охридската архиепископија, бидејќи тие удираат по нашата историја, на ист начин како што и екстремниот македонизам краде од историјата на Бугарија. Воопшто, прашањето на признавањето на македонската црква треба да биде решено со многу црковно-дипломатски такт, без политички калкулации и без неумесни световни замешателства. Инаку, ни прети опасноста, “цртајќи си ги веѓите, да си ги извадиме очите!”