Почитуван г-дин Сотировски, еве денес ја започнувате вашата прва вистинска работна задача. Го капитализирате трудот направен со својата партија и за нас нема ништо лошо во тоа. Доаѓате до највисоката позиција во орган на државната управа, кој се грижи за афирмација и развој на слободата на вероисповедта, орган кој се грижи за унапредување на положбата во општеството на сите верски заедници и религиозни групи. Значи, денес стапувате на една многу одговорна функција. Функција, која пред сѐ треба да покаже широчина за разбирање на религиските посебности на другиот, отвореност кон сите, а притоа непристрасен однос кон никого. Но, и функција која ќе има одговорност за примена и зачувување на правото во контекст на верската слобода. Право, кое РМ го прифатила, усвојувајќи ги начелата на Универзалната декларација за човековите права од Обединетите нации и на Европската конвенција за заштита на човекови права, како темелни вредности во нејзиниот Устав.

Затоа г-дине директоре, употребете ја младоста не повторувајќи ги грешките на вашите претходници. И оние кога секретарот беше „владика“ во синодот на МПЦ и оние кога директорката беше обземена од мегаломанска идеја дека „му принесува служба на Бога“, па си зема улога на судија кон една верска група, и воопшто кога ширеше говор на омраза од секаков вид, и политички и верски.

Запомнете и дека во нашата држава има една православна црква, различна од мнозинската МПЦ, над која сѐ уште се извршува политички прогон со незапаметени пропорции, и која во потрага по правда за нејзиното институционално непризнавање, веќе доби судски процес против РМ во Стразбур, а, е сѐ уште нерегистрирана, дури и покрај фактот што постои две децении. Притоа, токму таа православна Црква е прифатена од целиот православен свет како единствена канонска православна Црква на територијата на РМ, со потврден, сеправославно признат Томос (документ внесен во официјалниот список на православни цркви во светот). Тоа е апсурд, за кој вие г-дине директоре ќе треба да учествувате што поскоро да се реши, ако саката Р. Македонија да не биде делумно слободна земја, каква што е, помеѓу другото и заради државниот прогон врз верска основа против Православната Охридска Архиепископија.

Значи, оваа ваша комплексна функција на која денес стапувате, во зависност од тоа како ќе ја извршувате, може да го трасира дури и целиот ваш живот понатака. Затоа, за крај ви го честитаме изборот и ве поздравуваме со зборовите на Апостолот: „Ползувајте го (правилно) времето, зашто дните се лукави“.