И покрај пресудата од Европскиот суд за човекови права, државата ќе се бори против називот, конкурентноста и целите, практично – против постоењето на ПОА

Според логиката на претседателот на Комисијата за односи со верските заедници, група граѓани не смеат да основаат црковна заедница ако не измислат нова религиозна идеологија и доктрина. Со други зборови, правото на вероисповед не им припаѓа ним како граѓани, туку на религискиот корпус, како да станува збор за некаква интелектуална сопственост или индустриски патент.

Во светов има стотици христијански деноминации. Зарем државата треба да оценува која е вистинската и заслужува да се нарекува така?!

Ако ја следиме таа логика, не е далеку денот кога тендер ќе распишат за да доделуваат религиозни лиценци. Концесии за Божјите патишта!

Побогу, каква ли е таа демократија во која државата арбитрира за веродостојноста на религиозните учења? Па, таков тоталитаристички пристап немало ни во комунизмот. И, зарем не е таа институција “Комисија (комитет) за вера”, еден опасен рецидив и реликт на едноумието? Самиот поим “комисија” за односи со верските заедници, не ја става ли државата во надредена улога, во односот кон нив? Бидејќи работата на комисиите е да испитуваат и оценуваат.

Нека им забранат тогаш и на навивачите на клубовите да формираат повеќе навивачки групи. Нека го забранат фракционерството во политиката. Нека го забранат повеќепартизмот, нека го забранат плурализмот и нека ја вратат морално-политичката подобност за било каков општествен активизам!

Претходната власт, прокажана заради авторитарниот стил на владеење, сакаше да ја укине автономијата на универзитетот и да воведе екстерно тестирање за факултетите, а оваа, наместо да ги ослободи граѓаните, преку Сотировски изјавува слични аспирации кон верските заедници!