Еден од настаните што ќе ја одбележат оваа година на црковен план, несомнено е изјавата на бигорскиот игумен Партениј дадена за бугарските медиуми, во којашто тој зазема став дека „БПЦ е вистинската црква-мајка на МПЦ-ОА, како во историска, така и во канонска смисла“.

Настрана фактот што ваквото тврдење е целосно неиздржано во однос на канонската и историската вистина, туку што со својата тенденциозност и непромисленост отвора целосно нов корпус дилеми и недоумици, коишто го проблематизираат историскиот црковен идентитет и конститутивната дефиниција на самата МПЦ-ОА, а како „возобновителка, верна наследничка и продолжителка на Охридската Архиепископија“.

Притоа, воопшто не ја имаме предвид вулгаризацијата на прашањето за внатрецрковните односи и омаловажувањето на институтот апостолско преемство, што деновиве (со објавениот текст „Мајка Црква“) во нему својствен стил ја направи епископот Наум.

Напротив, сакаме да укажеме на нешто многу посериозно…

Имено, во членот 1, став 3, од Уставот на БПЦ стои следнава „незгодна“ формулација: „Самоуправната Бугарска Православна Црква – Бугарска Патријаршија е наследничка на Плисковската Архиепскопија, Преславската Патријаршија, Охридската Архиепископија, Трновската Патријаршија и Бугарската Егзархија.“

Оттаму, станува повеќе од јасно дека МПЦ-ОА и БПЦ имаат „конфликт на интереси“ во однос на историското и духовното наследство на Охридската Архиепископија, такашто (освен ако не сака да се самоукине и претопи во БПЦ), МПЦ-ОА во ниеден случај не може истовремено да биде и црква-ќерка на БПЦ, и директна наследничка на Охридската Архиепископија!

Со ова уште еднаш се потврдува бесмисленоста и неодрживоста на расколот, како обид да се востанови заедница со Бога надвор од соборноста на Црквата, односно да се соѕида зданието на црквата без засновување врз единството во Телото Христово, како аголен камен на нејзината градба, туку врз материјалот на разно-разни политички пристрасности и фрустрации. Бидејќи таквата црква не може да устои пред критиката на времето и прилега на куќа изградена врз песок, што при првиот посилен дожд или ветер ќе се струполи, со тешки последици по своите домаќини. (Мт. 7, 24-28)