(за измамите на расколничкиот игумен Партениј)

На 05. 01. 2017 г. во весникот „Нова Македонија“ бр. 23944 е објавен текст со наслов „Поврзаноста на Света Гора со македонската земја е нераскинлива“. Станува збор за некаков сентиментален запис на Киро Кипроски од неговото патување на Света Гора, кој  според вредноста на искажаното може да остане и незабележлив. Сепак мене како дејствителен верник, кој многупати ја посетил Света Гора и се проникнал со нејзината духовност, јасно ми е видлива измамата која се протнува во горепосочениот текст.

Таа измама како и многупати досега ја прави игуменот во раскол о. Партениј. Него веројатно му е доволен расколот и крстот на кој се излежува, но еве, ги повикувам на здраво расудување оние што ќе ги прочитаат напишаниве редови. Во Евангелието според Јован, во 10 глава, стих 4 се вели дека добриот пастир оди пред своето стадо. Тој оди пред нив за да види каде има добра паша и да ги одведе на паша што ќе им даде живот вечен, а не ги носи на лоша паша која ќе ги одведе во смрт, која е бездруго расколот.

Е сега, расколничкиот игумен Партениј се фали како о. Атанасиј Симонопетритски им напишал некои служби и како ќе му пишувал служба на Јоаникиј Ракотински (кој патем речено бил клирик на СПЦ) и како тоа било вистинска љубов која ги надминува сите земски ограничувања и препреки. Ете ја измамата! Игуменот Партениј не оди пред своето стадо, туку куца зад него, бидејќи го мами дека пишувањето на служби е критериум за Црквата, а не му ја кажува вистината, која што можеби стадото и не ја знае, дека единствениот вистински критериум е Соборноста на Црквата која се гледа во заедничкото сослужување и заедничкото причестување на Литургијата. Така, откако самиот отишол во пропаста на расколот, игуменот Партениј, на измама ги води и неговите фанови во истата пропаст. Соборноста на Црквата е вистинската паша, а не напишаните служби и формата. Има ли доказ расколничкиот игумен Партениј дека служел литургија на Света Гора? Нема. Тоа значи дека не е иста вера со Света Гора.

Инаку, тоа што о. Атанасиј Симонопетритски им пишува служба на расколници, тоа не значи дека треба да го прогласиме за апсолутна вредност. Очигледно и на Света Гора има луѓе кои немаат оформено доволно црковни ставови за некои прашања, иако о. Атанасиј никогаш нема служено Литургија и се нема причестено со расколничкиот игумен Партениј. Сепак во случајов би повикал и на поголемо внимание во однос на ова прашање во синодот на ПОА и апел до нив, да се реагира до игуменот на манастирот и до Светата Општина и да им се укаже за овие појави.

Официјално писмо (Ф.2/5в/228 од 6/19. 02. 2014 г.) дека расколничкиот епископ Наум лажно се претставува како духовно чедо на старецот Георгиј

Официјално писмо (Ф.2/5в/228 од 6/19. 02. 2004 г.) дека расколничкиот епископ Наум лажно се претставува како духовно чедо на старецот Георгиј

Игуменот во раскол о. Партениј уште мами дека малтене со благослов на блаженоупокоениот старец Георгиј Григоријатски било обновено монаштвото на расколничката МПЦ. Но вистината е друга. Партениј го напушти својот „љубен“ старец како лаик. Така тој го направи својот прв раскол, уште со старецот. Го напушти оној кој навистина свети како разгорен факел со неговата татковска љубов. Но, зар не е тоа шизофрена состојба која трае и до ден денешен! Обичниот гостин од Света Гора со своето неколку месечно собрано искуство на помагање во кујна и чистење соби, пребегна од така добриот и љубовен духовен родител и дојде во Македонија да стане и самиот тука некаков голем духовник. Старецот Георгиј многупати има речено дека во расколот нема спасение, и во Григоријат денес, скоро никој не се сеќава дека претставниците на расколот во нашата татковина Партениј и Климент биле некогаш таму. Се сеќаваат единствено на расколничкиот епископ Наум, но по лошо, како оној кој избегал од манастирот без благослов, прекршувајќи ги така заветите кои ги дал пред старецот Георгиј. И Светата Општина излезе со официјално писмо (Ф.2/5в/228 од 6/19. 02. 2004 г.) дека расколничкиот епископ Наум лажно се претставува како духовно чедо на старецот Георгиј. Од тоа писмо бездруго се заклучува дека и расколничките претставници Партениј и Климент, исто како и Наум се плодови на непослушанието на Црквата, продолжувајќи ја така верно традицијата на расколот во кој пребиваат.

Слични примери во текстот има безброј. Расколниците како Партениј ќе одат на Света Гора, ќе се фотографираат како туристи и после тука ја мамат јавноста дека ете тоа било вистинска љубов. А вистинската љубов е Христос и неговата Соборна Црква во која расколничката МПЦ нема удел.

Кој е вистинољубив лесно ќе ги согледа измамите на игуменот Партениј, а кој сака да биде мамен ќе ги затвори очите пред реченово, ќе си ја излаже совеста и ќе си продолжи по старо. Едноставно има луѓе како споменатиот игумен, кои сакаат да мамат и има луѓе кои сакаат да бидат мамени во продолженија, и тоа право нема да им го оспорам.

Но, пред Бога чуствувам должност кога ќе ги видам ваквите измами да ги посочам јавно заради вистинољубивите.