Светите Отци го нарекуваа мачеништвото: второ Крштевање, со кое се простуваат сите гревови. Но, и кај еретиците и кај паганите имало маченици, и колку ли луѓе за лажни идеи имаат пролеано крв! Па, сигурно таа смрт, за нив, не постанала вечно спасение. Бидејќи тогаш и паганите убиени за верата во идолите би станале синови Божји. И жреците Ваалови, коишто ги уби пророкот Илија, би ги прославувале како светители.

Исто така е и со расколниците! Тие, дури и да умрат маченички, не умираат за Христа. За нив, тоа име е само збир од букви. Христос, вистински може да се познае само во Црквата, преку Светиот Дух. Но, оној кој се бори против Црквата, тој се бори против Светиот Дух.

И еретикот Несториј умре во прогонство, од најтешка болест. Што наследи тој: вечен живот или вечна смрт? И Ориген својот живот го заврши во затвор за време на прогонствата, но неговата маченичка смрт не му беше за спасение. Тој, по смртта, како отпадник од Црквата беше анатемисан.

Многу и од оние што го следеа Христа, коишто Го гледаа со своите телесни очи, не го познаа како Спасител, и Неговиот вистински лик за нив остана невидлив. Наместо тоа, тие во својата свест и во своите срца, создадоа лажна слика за Христос.

Затоа богоборците – расколниците и еретиците, во името на Христа, призиваат друг дух, и во сликата Христова, гледаат друг лик. Таквиот богоборец, дури и маченик да постане, ќе ја пролие својата крв, не за Христа, туку за темниот Христов антипод, за антихристот.

Стр. 18 «Падение гордых»//Духовный Собеседник. 2001