Голема манипулација е кога клирот на МПЦ говори за суштински проблеми на МПЦ со името, и за политика насочена против МПЦ и Државата. Тоа досега јавно го имаат нагласено и нивниот поглавар Стефан, и владиците Наум, Климент, Методиј, игуменот Партениј, како и останати членови на МПЦ.

Во завчерашната емисија на Канал 5, „Само вистина“, таа манипулација, т.е. невистина, ја рашири и митрополитот на МПЦ, Петар, кој во ова обраќање гледаме дека е под нивото и на селски поп (можеа барем друг да пратат), а  за жал тој со овие негови „дарови“, е предводник и на преговарачкиот тим на МПЦ за излез од расколот.

Значи, овие несреќни духовници кои се длабоко загазени во гревот на расколот, својата немоќ да најдат решение за состојбата во која бесмислено пребиваат, ја затскриваат зад термините „политика“ и „име“. Со овие тврдења тие вршат атак врз мисловното ткиво на своите верници за изградба на погрешен светоглед, а целта им е да имаат што повеќе лица кои ќе им служат како потпора во промашувањето.

Но во интерес на заблудените овци кои ѝ се лојални „до смрт“ на МПЦ, за да не остане ова прашање недокажано, Соборно Православие сака да го посочи за апсолутно неточно тврдењето дека зад расколот на МПЦ се крие проблемот со името на МПЦ.

Затоа ги повикуваме оние кои веруваат во овие тврдења дека името е суштинскиот проблем на МПЦ, да си ги постават следниве прашања:

  1. Дали МПЦ е прогласена за расколничка црква, поради нејзиното име?
  2. Дали во воената 1945година, на Првиот црковно-народен собор, кога се поставуваа темелите на МПЦ, тогашната НР Македонија имаше проблем со името?
  3. Дали и подоцна, кога пучистички ја формираа и ја одвоија МПЦ од СПЦ, некој приговори за името?
  4. Дали од 1945 до 1967 година, некогаш во преговорите со СПЦ некаде е забележано дека се проблематизира името на МПЦ?

Одговорот за се ова е секако не, бидејќи расколот на МПЦ е многу покомплексен од некакво „име“.

Името не е, и не може да биде „догма“ од која ќе зависи спасението на еден народ.

Ние сите знаеме зошто и како настана македонскиот раскол, кој денес во светот го вбројува во групата на етнофилетистички расколи, за што впрочем на овие страници е многу пишувано.

И дедото Петар знае дека канонска Црква на овие простори имало одамна пред да постои денешна Р. Македонија. Држави постоеле и исчезнувале, а Црквата останувала. Или што ќе се случи со неговите тврдења ако наскоро Р. Македонија, за да се приклучи кон евро интеграциите, навистина го смени името? Дали и МПЦ ќе се преименува?

Затоа расколничкиот клир не смее да го поистоветува, постоењето на Државата со Црквата. Својот идентитет, Црквата не го црпи од името или од народот, туку од Христа. Државата преговара за своето име поради свој интерес, а Црквата преговара за излез од расколот поради свој.

За крај, сепак за волја на вистината, треба да се каже дека како поминуваа децениите, за МПЦ се наталожуваа и нови прашања. Па, иако е несуштинско за надминување на расколот, вакво прашање на последните преговори во Ниш беше отворено. Но тоа Нишкиот договор перфектно го реши, признавајќи ја МПЦ под своето име, притоа употребувајќи ја „двојната формула“ за оние кои ќе имаат проблем со тоа име, нешто за кое Државата може само да сонува дека ќе го оствари во своите преговори.