Злобниот, за своја среќа ја смета несреќата на другиот човек. Некои луѓе, кога гледаат како страдаат животни, се натажуваат. А, злобниот, не само што не чувствува жал пред страдањата на човекот, туку се оѕверува уште повеќе, правејќи сѐ да го уништи другиот, бидејќи тоа му причинува радост.

Злобниот и ретко постанува човек, туку останува жаба, останува гуштер, останува мравка.

Вели светиот Хризостом дека злобните, всушност се полоши и од ѕверовите, бидејќи овие се вртат против луѓето само кога се гладни, а злобниот и тогаш кога му се прави добро.

Таквите злобни персони, како што неодамна напиша еден Епископ, „служат“ пред Чаша во која не се наоѓа Крвта Христова, туку ја пијат крвта на нивниот брат, кого го убиваат, и таа крв засекогаш ќе ги оддели од Канонската Црква.

Еве, уште едно во низата сведоштва за горереченото:

Соoпштение

На ден 27-ми Ноември 2014 год., во затворот Идризово во Скопје, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, направи напор и го посети неговата стара мајка за да ги провери гласините што во последно време силно одекнуваат во јавноста во нашата татковина, а во врска со затворскиот третман на Архиепископот.

Имено оваа е втора посета на неговата мајка годинава (таа е стара и тешко може да патува), а во последно време и никој друг не смееше да го посети Архиепископот. Имено, Неговото Блаженство Архиепископот охридски Јован двапати бараше од директорот на КПУ Идризово да му дозволи да го посетат членовите на Светиот Архиерејски Синод на Православна Охридска Архиепископија, свештеници и монаси, но директорот тоа без образлижение го одби.

Мајка му, која го посети, всушност ни ги потврди гласините дека Архиепископот Јован е со нарушено здравје, без здравствена заштита и речиси целосно изолиран. Секојдневно е малтретиран од затворскиот персонал, а по наредба на Управата на затворот, вршат безмилосен притисок врз него, по ослободувањето од затвор да ја напушти Р. Македонија. Испраќаат затвореници да му се закануваат дека доколку не се согласи да ја напушти Р. Македонија ќе биде физички ликвидиран. Тоа е она што ја потресе оваа од Бога благословена возрасна госпоѓа, до степен непрестано да рони солзи и да тагува за своето чедо.

Вели дека познавајќи го нејзиниот син, тој никогаш тоа не би ѝ го кажал, ако навистина нема опасност за неговиот живот. Веќе дванаесет години откако почнаа неговите гонења, таа не слушнала тој да се пожали, туку наспроти тоа ја тешел и ја храбрел не само неа, туку и сите други. Но, сега како да е скршен од секојдневните измачувања.

Фактот што целосно противзаконски на Архиепископот Јован сѐ уште не му се дозволува да ја користи погодноста домашно отсуство, иако за тоа веќе цели десет месеци ги исполнува сите пропишани услови е всушност потврда на горереченото. Се јавивме во затворот да провериме зошто на Архиепископот Јован не му се одобрува дводневно домашно отсуство како на сите други затвореници што ги исполнуваат условите, а ниту им дозволуваат на членовите на Светиот Светиот Архиерејски Синод на Православна  Охридска Архиепископија да го посетат, но ни беше одговорено дека директорот тоа го забранил, и тоа било исклучиво негово право да го направи и за било кој друг затвореник.

Архиепископот Јован успеа преку мајка му да ни го достави писмото, кое замолува да биде испратено до Управата за извршување на санкции, зашто ако тој би го испратил преку затворската Управа тоа никогаш нема да стигне на посочената адреса. Ние си зедовме слобода, во неможност да го консултираме него, а заради важноста на истото, во продолжение да ја објавиме содржината на тоа писмо што Архиепископот Јован го упатува до Управата за извршување на санкции.

03 Декември 2014 год.

 


Преку
Управата на КПУ Идризово
до директорот на Управата за извшување на санкции
Скопје
Предмет: Писмо за историја

Почитувана госпоѓо Гаврилоска,

повеќепати имав потреба да се обратам до Управата за извршување на санкции заради неподносливо измачувачките дејства кои ми се прават во КПУ Идризово речиси од денот на моето второ доаѓање во затворот (02 Jули 2013 год.), но се воздржував чекајќи го резултатот од решавањето за мое прогресирање во затворски третман што би ми овозможил користење на угодноста: викенд отсуство.

Иако многу одамна ги исполнив сите пропишани со правилникот услови да добијам прогресиран третман, Управата на затворот не сакаше тоа да ми го даде. Како да им е некое наследство од родителите, па кому сакаат даваат, кому сакаат не даваат. Не сакам да помислам дека од мене некој очекувал поткуп, но нема кому не му е познато дека тоа е најсигурната алатка за прогресирање во затворот. Како и да е, по речиси 10 месеци откако ги исполнив условите за добивање на третман со кој ќе можам да ја користам погодноста домашно отсуство (а тоа е една третина од целокупната казна), бев предложен на конференцискиот состанок одржан на 04 Ноември 2014 год., и на тој состанок предлогот од одговорниот воспитувач за мене беше прифатен.

Само за илустарција, на 04 Ноември 2014 год., од вкупно 1978 денови колку што ми изнесува вкупната затворска казна, во затвор имав поминато 1105 денови, или речиси две третини од вкупната казна на која сум осуден (5 години и 5 месеци). Ако ми се одбие од казната екстрадициониот притвор во Р. Бугарија, како и првиот и вториот притвор во Р. Македонија, а во врска со делата за кои сум осуден, во затвор треба да поминам 1452 денови. Една третина од 1452 денови е 484. До 04 Ноември 2014 год., јас сум во затвор вкупно 579 денови. Што значи по било која пресметка што се предвидува со правилникот за прогресирање на затвореници како и куќниот ред на затворот јас сум ги исполнил сите услови за стекнување на третман со кој може да ми следува угодноста домашно отсуство. Ако тука надополнам дека ги имав приложено и сите документи (потврди од судовите во Скопје, Битола и Велес, дека против мене не се водат други судски постапки како и потврда за спој на казните), ако надополнам дека сум ја имал поддршката на воспитувачот одговорен за мене, тогаш не е чудно што на конференцискиот состанок за одлучување за мојот третман сум ја добил препораката за прогресирање  во третманот.

Но, како што е познато, ниту една одлука во затворот не е важечка без да ја потпише директорот. Дури на 18 Ноември 2014 год., бев информиран дека директорот не сакал да го потпише записникот  од споменатиот конфернциски состанок, и тоа без никаво образложение. Откако бев информиран од добро упатени претставници на Управата на затворот дека, всушност, одбивањето директорот да ја потпише одлуката за мое напредување во третманот не е негова иницијатива ниту пак своеволие, туку за тоа добил наредба од кабинетот на претседателот на Владата, немав ниту желба да побарам средба со него, зашто што би ми рекол сиротиот? Од месец Февруари 2014 год., тој не ми одобрил ниту една кратка посета на мое барање. Во два наврати пишував писмена молба до него, но не добив одговор, а тоа значи дека бев одбиен. Сигурно е дека јас сум единствениот затвореник во затворот Идризово што не смее да има посети, но и тоа не е до директорот. Додека и нему не му забранија од кабинетот на преседателот на Владата, тој во 2013 год., ми имаше одобрено две посети. Ако се знае дека единствени кои имаат дозвола да ме посетуваат еднаш месечно се само мојата мајка и сестра, а мајка ми има веќе 76 години, Господ да ѝ ги намножи, и не може често да патува, тогаш не е чудно што во цела 2014 год., јас сум имал само две посети.

Не ми е познато дека во затворот Идризово постои друг затвореник со повеќе ограничувања од мене. Како целиот систем да е организиран мене да ми ги отежне затворските денови. Не зборувам сега за мизерните услови на сместување (33 лица во една соба со само една WC шоља, лоша храна и нехигиена, а затворот не дава дури ниту чинија и лажица на затворениците, па и тоа треба да си го донесеш од дома). Тие услови ќе рече некој се мизерни, ама такви се за сите затвореници. Но, не верувам дека некој бил повеќе омаловажуван и малтретиран од затворскиот персонал отколку јас. Мислам дека кога би постоело правото затворениците да бидат тепани, како што тоа се правело во затворот Идризово до пред десетина години, јас сигурно би бил секојдневно на столбот за камшикување, без оглед на тоа што сум „најмирниот затвореник“ според зборовите на воспитувачот, кој го поднесе предлогот за моето прогресирање во третманот.

Да не бидам погрешно разбран. Како што веќе напишав погоре, за сето ова што ми се случува во затворов не можам безрезервно да го обвинам директорот на затворот, нити пак директорот на Управата за извршување на санкции. Што да прават тие кога во оваа наша држава законските прописи можат да бидат менувани со телефонски повик од „Високата порта“.

Затоа и ова мое писмо до Управата за извршување на санкции не е насловено ниту како молба, ниту како жалба, ниту како барање. Тоа е само еден акт, колку да не се заборави денешницава. Да не се заборави дека Архиепископот Јован е доследен наследник на неговите претходници, кои ни по цена на животот не се откажале од верата, од Црквата и нејзиното единство. Да не се заборави ниту тоа дека властите во Р. Македонија применувале разни принуди за да го преубедат Архиепископот Јован да се откаже од воспоставеното единство на Црквата и да се врати во расколничката МПЦ. Но, да не се заборави ниту она што сѐ поизвесно е дека може да следи по неговата доследност, а која властите ја толкуваат како негова непослушност. Тоа е негова ликвидација, за која очигледно е дека веќе постои заговор, а тоа е најлесно за остварување токму во затворот.

Ете, затоа го пишувам ова писмо. Ако е последно да се знае заради кого е последно, но и да се знае: „Сево ова го правам за Евангелието, така што и јас ќе можам да соучествувам во неговите блага“, како што вели Апостолот (1 Кор. 9,23). Ако пак не е последно, да ме потсети не само мене, туку и верните во Христа низ што сѐ требаше да се помине за сведочење на единството на Црквата.

Со почит,
Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован
Осуденик со рег. бр. 8603                                   

01 Декември 2014 год.
КПУ Идризово-Скопје

 

Извор: poa-info.org