Постојат различни расколи. Меѓу расколите, кои особено ја обременуваат Црквата во последниве децении може да се издвојат расколите од зилотскиот тип и расколите од филетистичкиот тип. Кај нив постои различен однос кон канонската Црква и различни методи на самооправдување.

На пр., „зилотите“ се сметаат само себе си за Црква, додека канонската Црква не ја сметаат за Црква, поради што измислуваат различни „ереси“ со кои таа наводно е заразена. А, кај филетистите, кои единствено сакаат да стигнат до признавање, преку нелегално и врз основа на националните карактеристики прогласената „автокефалија“ е токму спротивното – тие целосно ја признаваат канонската Вселенска Црква и се трудат, во очите на своите парохијани, да се претстават како нејзин органски дел, кој има само привремено неопределен статус во административните односи.

Во оваа статија би сакал да зборувам за расколот од филетистички тип. Мене ми се познати примерите на „Киевската патријаршија“, „Македонската православна црква“ и „Црногорската православна црква“, со кои беседев во последните години.

На почеток, треба да се потсетиме на низа аксиоми, без кои е бесмислен разговорот за Црквата. Постои Бог, кој му дава живот на секој од нас. Постои и смисла на нашите животи: да се направи избор – дали сме со Бога или со гревот, со вистината или со лагата. Бог ни дава можност да ја познаеме Вистината. Он ја откри Вистината во Неговото Слово – Библијата. Од оние, кои го избраа Бога и вистината, Он создаде „избран род, царско свештенство, свет народ“ (1Пет. 2. 9) – Својата Црква. Човекот кој искрено се стреми да се соедини со Христа не може да биде во изолација, во поделба и непријателство со другите кои тежнеат за истото единство со Христа. Уште Апостолот Јован го осудуваше тоа: „Ако некој рече: Го љубам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1Јован 4. 20).

Ѓаволот преку гревот и омразата, во светот направи поделба меѓу Бога и човекот и меѓу самите луѓе, едни од други. А, Христос, преку љубовта, светоста и жртвата донесе исцеление на нашиот разделен и отуѓен свет, донесе единство на неговата Црква, во која неговите ученици станаа едно со Бога и едно меѓусебе. И, како што зборуваше авва Доротеј, колку луѓето биваат поблизу до Бога, толку стануваат поблиски и еден со друг. Толку е важно единството на верните, што Христос во Гетсиманската градина се молеше на Отецот токму за тоа: „се молам за оние, што ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно“ (Јован 17. 20, 21).

Затоа и Христовите ученици беа најчувствителни на обидите за поткопување на ова единство. „Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои предизвикуваат расцепи… и отстапете од нив!“ (Рим. 16. 17), вели Апостол Павле. Создавање раздор во Црквата се случува или преку ерес, кога раздорите се предизвикани од изопачување на верата или со раскол, кога раздорот се случува од било која друга причина. И во првиот и во вториот случај, Црквата останува иста каква што била, Една. Но, од Христа отпаѓаат оние кои ги следат луѓето кои создаваат раздор.

Се случува она што го рече Блажениот Августин: „Ние веруваме во Света, Соборна Црква. Сепак и еретиците и расколниците, исто така ги нарекуваат своите заедници, цркви. Меѓутоа, еретиците лажно верувајќи во Бога, ја искривуваат самата вера, а расколниците со безаконита поделба, отстапуваат од братската љубов, иако веруваат во истото што и ние. Затоа, ниту еретиците ниту расколниците припаѓаат на Вселенската Црква, која го љуби Бога“. За еден верник кој го гледа отпаѓањето од Црквата, е исто како да гледа давеник, кој дофатил јаже што некој му го фрлил, почнал да се извлекува, но потоа повторно паднал во вода и потонал. Многу болно и страшно! Впрочем ние зборуваме за животот и смртта, за спасението и погибелта на мнозина луѓе, како што сведочи ученикот на Апостолите, светиот Игнатиј Богоносец: „Не лажете се браќа мои! Кој ги следи оние кои внесуваат раскол, нема да го наследи Царството Божјо“. Невозможно е да се однесуваш незаинтересирано кон овие зборови.

Едната Православна Црква, од Христа основана, се состои од помесни Цркви, кои се признаваат едни со други, се молат заедно, и што е најважно – учествуваат во едната Света Тајна Евхаристија, преку која сите заедно постануваат едно Тело Христово.

„Украинската православна црква – Киевска патријаршија“, „Македонската православна црква“, „Црногорската православна црква“ се сметаат себеси за автокефални цркви, но ниту една од Помесните Цркви не ги признава. И тоа не е само една формалност, туку самата суштина. Затоа што постојат, на пр., вистински претседатели, кои сите ги сметаат за претседатели, а постојат и луѓе кои себеси се нарекуваат претседатели, кралеви, цареви, но никој друг не верува во тоа. Разликата меѓу првите и вторите е голема. Првите, седат во претседателските кабинети и управуваат со земјата, а вторите лежат на болничка постела во психијатриска болница, бидејќи нивната слика за себе не соодветствува со реалноста.

Гледајќи ги официјалните сајтови на некои филетистички расколи, може да се помисли дека не постојат проблеми. Секој знак на внимание, секоја средба, секоја куртоазна посета, секој подарок од страна на клирот од другите помесни Цркви, се претставени како признание и поддршка за овој раскол, без оглед на фактот дека исти такви состаноци, посети, подароци се прават и во однос на католиците, муслиманите, па дури и на световните луѓе. Меѓутоа, каде е она што претставува црковно заедничарење и единство? Каде е сослужувањето, каде е заедничката Причест, каде е меѓусебното споменување?

Во живиот контакт со луѓето, забележав дека многу свештеници – расколници, се плашат да патуваат во други православни земји, бидејќи знаат дека таму нема да им биде дозволено да свештенослужат заедно со локалното свештенство, ниту да се причестуваат од истата Чаша – и во тој случај ќе треба или да мамат, претставувајќи се лажно како членови на канонска Црква, или да ја почувствуваат сета тежина на својата одлаченост од Црквата Христова. Таква е трагичната реалност која не може да се игнорира. Или е човек во Црквата, и тогаш со него може заедно да се сослужува, причестува, или е човек надвор од Црквата, и не е можно со него ниту заедно да се служи, ниту да се причестува. Најголемата трагедија е тоа што поради безумието и безаконието на лидерите на расколот, од Црквата – која е Царство Божјо на земјата се оттргнати мноштво луѓе.

Во основа, во сите филетистички расколи ако се испитаат, може да се најдат две големи лаги за Црквата. Првата е онаа што го родила расколот и го потхранува него, а втората е онаа што не дава луѓето да прогледаат и да се ослободат од расколот.

Првата лага е дека Црквата е слугинка на државните и националните интереси. Дека нејзината највисока и најблагородна цел е – да го обедини народот, да обезбеди идеолошка основа на државата, да направи покорност кон властите, да се биде општествено ангажиран и така натаму.

Кај еден православен верник, таквите идеи предизвикуваат во најмала рака, насмевка. Да, Црквата има многу од тоа направено и го прави за многу народи и држави, но таа воопшто не постои заради нив.

Главната предодреденост на Црквата е соединување на човекот со Бога, создавање христоподобни, богоподобни, светители од луѓето. Како што рече еден светогорски старец – Црквата е фабриката за производство на светители. Со тоа, таа се занимава секаде каде што ќе се појави и од кога постои. Народите доаѓаат и си одат, државите се создаваат и рушат, а Црквата останува и ја врши својата спасителна мисија во светот кој е разјаден од гревот. За неверниците овие зборови се празна демагогија, но за верните тоа е реалност пред која, сите обиди да се претстави Црквата Христова како слугинка на еден народ или држава изгледа како целосна бесмислица.

Црквата не и служи ниту на Русија, ниту на Украина или Македонија, Србија или Грција или Црна Гора. Црквата му служи само на Христа. И секој обид таа да се користи во друга цел постоел и ќе постои, но секогаш ќе биде проследен со отпор – мирен, пасивен отпор, но сепак отпор од страна на Црквата. Да, не само во Украина, Македонија и Црна Гора, но и во Русија, Србија и во Грција, имало и има луѓе кои ја доживуваат Црквата само како средство за подобрување на земско постоење на одредена нација. Тоа е нивна вина и несреќа. Меѓутоа, никаде не можеле да ја преземат власта и да предизвикаат толку голема штета на црковниот народ, како во Украина, Македонија и Црна Гора, кога поради лажно сфатени национални интереси направија раскол и со тоа, предизвикаа штета не само на Црквата, туку и на овие народи.

Да, Црквата не постои поради народот, но има благотворен ефект врз народот, осветувајќи го преку причестувањето со благодатта на Светиот Дух, која пребива во неа. Како светилка со добри батерии, којашто ја осветлува темнината. Расколничката црква е светилка без батерии, која има форма на светилка, но од којашто нема полза, затоа што Светиот Дух не е во неа.

Уште една лага за Црквата е дека расколот не е ништо сериозно и духовно погубно, дека е тоа ситница – непријатна, мачна, но сепак само ситница.

Нешто слично може да се види и во светот. Така, ненадејната тешка болест на пријател или роднина се гледа како трагедија. Но, ако човек работи во брза помош, каде што секој ден гледа тешко болни, за него, тешките заболувања стануваат нешто нормално и не го засегаат. Кога во обичниот живот се случува убиство, луѓето кои се сведоци се во состојба на шок. Но, во војна, кадешто што убиствата се случуваат секој ден, војниците се навикнуваат на тоа, и смртта на мноштвото други луѓе, не само на непријателот, туку и на своите, станува нешто вообичаено.

Истиот тој синдром постои и во Украина и во Македонија. Кога толпа луѓе околу вас се во раскол, расколот не се доживува како трагедија. И, не се доживува како смртен грев, а е смртен грев, според мислењето на светите Отци. Од некои расколнички свештеници ја слушнав следната мисла: па, добро, ерес е нешто сериозно, а раскол е една мала непријатност.

Меѓутоа, што е ерес? Воведување новотарии во верата. Тоа јасно го искажа Апостолот Павле: „ако некој ви проповеда друго Евангелие, различно од она што го примивте, нека биде анатема“ (Галат. 1. 9). И, како што велат Отците на Седмиот Вселенски Собор: „Ние го следиме древниот закон на Соборната Црква. Ние ги чуваме одлуките на Отците. Оние кои нешто додаваат на учењето на Вселенската Црква или одземаат од неа, ги предаваме на анатема“. Идејата дека расколот е нешто од мало значење и може да се толерира во споредба со ереста претставува новотарија, која противречи на древните одлуки на Светите Отци! Свети Јован Златоуст вели: „Создавањето раздор во Црквата не е помало зло од паѓањето во ерес“. А, преподобен Никодим Светогорец зборуваше дека „расколот е дури и полош од ереста“. Погоре ги наведовме зборовите на блажениот Августин, дека ниту еретиците ниту расколниците припаѓаат на Црквата Христова, па така, ни во односот кон Црквата, ни по делувањето кон душата на заблудениот, расколот не се разликува од ереста. Се разликува само во причините. Тоа е како да изгориш или да се удавиш; точно, постои разлика. Но, резултатот е ист. Познавањето на причините за смртта е важно за живите, за да знаат од што да се држат настрана; но, за мртвите нема особено значење. Во земјата се погребуваат и едните и другите. Истото важи и во однос на ереста и расколот, како што сведочи свештеномаченикот Иларион (Троитцки): „Отпаѓањето од Црквата во раскол, ерес или во секта – е целосна пропаст и духовна смрт. За нас, не постои Христијанство надвор од Црквата. Ако Христос ја создаде Црквата и Црквата е Негово Тело – одделувањето од Неговото Тело значи да се умре“. Господ рече: „ќе ја издигнам Црквата Своја“ (Матеј 16.18). Тој не кажа: ќе ги издигнам црквите Свои. Црквата е Една. Исповедајќи ја таа вистината, секој православен Христијанин во Символот на верата говори: „Верувам во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква“. Но, преку што точно, Црквата Христова е Една? Една е преку единство во Евхаристијата. Причестувајќи се од едното Тело и Крв Христови, Христијаните мистично се соединуваат со Христа и еден со друг, стануваат дел од единственото Тело Христово, „кое е Црквата” (Кол. 1. 24). „Така и ние сме едно тело во Христа” (Рим. 12. 5).

Имено, со тоа заедничарење во Евхаристијата се одредува дали некој припаѓа на Црквата или не. А, ако има две заедници, кадешто секоја себеси се нарекува Црква Христова, тоа значи дека само едната од нив може да биде вистинска Црква. Не може да има на двете места вистинско причестување. Само во вистинската Црква, на верните им се даваат Телото и Крвта Христови. А, во псевдоцрквата лебот и виното, остануваат леб и вино. Сите оние кои не сакаат да го признаат тоа, ги занемаруваат зборовите на Апостолот: „зар Христос се раздели?“ (1Кор. 1. 13).

Расколниците филетисти, размислуваат: ние сме една Црква со сите Помесни Цркви. Но, во што е тоа единство, ако не постои единство ниту во молитвата, ниту во заедничкото служење, ниту во Евхаристијата? Тие ќе кажат: ние сме едно во верата. Но, тоа можат да го кажат апсолутно сите расколници коишто постоеле во историјата на Православието, зашто карактеристика на расколот е отпаѓање од Црквата, при формално зачувување на верата. Таа иста вера ја чуваа и донатистите, кои се одвоија од Црквата во времето на свети Кипријан Картагински. И што тој пишува за нивната заедница? Дека тоа не е Црква, таму нема причест, нема благодат, нема спасение, го нема Христа.

Во сите разговори кои ги имав со расколниците, моите соговорници го признаваа очигледниот факт дека се одвоени од семејството на помесни Цркви, кои ја сочинуваат Вселенската Православна Црква. И, притоа на секој начин избегнуваа да го направат овој најдиректен и очигледен заклучок.

Кога зборував со еден од свештениците кои се во раскол, го прашав директно: „дали мислите дека во годината на прогласувањето на вашата „автокефалија“, сите помесни православни Цркви отпаднаа од вас и дека само вашата заедница е Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, основана од страна на Спасителот? Ми одговори дека тоа би било апсурдно да се мисли, признавајќи ги Помесните Цркви, како Црква Христова. Но, на тоа одговорив, дека во тој случај, ако тој, во согласност со Символот на верата, верува во една Црква, потребно е да признае дека тој самиот сега се наоѓа надвор од едната Црква, затоа што неговата верска организација е одвоена од сите Помесни Православни Цркви. Она што е разделено, не може да биде „едно“. Ако постои поделба, тогаш ние имаме работа со најмалку, „две“.

Ако барем малку би се следеле принципите на православното учење за Црквата, ќе видиме дека во однос на филетистичките расколнички „цркви“, можни се три варијанти на одговори.

Варијанта 1: да се признае дека таа црква во годината на прогласувањето на „автокефалноста“, се отцепила од Црквата Христова и е псевдоцрква.

Варијанта 2: да се признае дека сиот останат православен свет, се одвоил од таа црква и се претворил во „схизматичко собиралиште“.

Варијанта 3: да се признае дека Црквата Христова се поделила и во тој случај треба да се каже „јас верувам во поделената Црква“.

Но, бидејќи поделбите се од сатаната, Црквата која е поделена, се разбира, не може да биде света, не може да биде ни соборна. Не може да биде ниту апостолска, бидејќи апостолите имаа една Црква, а не поделена. Следува дека на литургијата треба да се каже: верувам во поделена, несвета, несоборна и неапостолска Црква.

Расколниците филетисти не сакаат да ја признаат првата варијанта, бидејќи тоа би било самоизобличување, не ја признаваат ниту втората варијанта, сфаќајќи го сиот нејзин апсурд, и фактички ја следат третата варијанта, иако не се осмелуваат да зборуваат за тоа и да дојдат до логичната последователност – затоа што тогаш ќе стане очигледна сета еретичност на оваа варијанта. Всушност таков поглед изразува одрекување од догматите на Црквата и комплетно соборување на православната еклисиологија. Тело, пресечено на два дела – не живее. Верувањето во „поделена црква“, значи да се верува во фактот дека Црквата умрела. Таква „блага вест“ воопшто не е онаа, што ја примивме од Апостолите. Тоа е една модернизација на протестантската лажна доктрина за „невидливата црква“, која наводно постои истовремено во сите заедници кои се нарекуваат себеси „Христијанска Црква“, без оглед на нивната поделба. Оваа еретичка заблуда веќе е соборно осудена како неприфатлива за Православната Црква, на пр., на Архиерејскиот собор на Руската Православна Црква во 2000 година. Неа ја изобличуваа и многу светители, а особено светиот Теофан Затворник.

Со што да се објасни таквиот став, како во случајот на протестантите и расколниците? Бидејќи тој е очигледно алогичен, неточен, повикува да ги затворите очите на очигледниот факт на поделбата. Како разумен човек може себеси да се присили да верува во такво нешто? Ми се чини дека одговорот не лежи во доменот на разумот, туку во доменот на психологијата. Тоа е „вера“ на страшливци, кои се плашат искрено да анализираат, да изведат заклучоци, да трагаат за вистината. Нив им е полесно да одмавнат со раката, велејќи: „вистината e и кај нас и кај вас“, или „Црквата Христова e и кај вас и кај нас“. Така мислат луѓе, коишто се плашат од одговорност и се обидуваат да ги избегнат сите поставени „незгодни прашања“, приморувајќи се да направат избор со Христа или против Христа.

Еден расколнички свештеник ми рече дека за него немаат значење прашањата за црковната поделба, дека за него е најважно да му се служи на Христа и да се приведуваат луѓето кон Него. Овој одговор е очигледен пример за целосно кршење на црковната свест под дејство на пребивањето во раскол. Бев принуден да го потсетам својот соговорник дека не постои Христос без Соборна Црква и дека тие се едно како главата и телото, како што вели Апостол Павле (Кол. 1. 24). И самиот Господ вели дека вистинските верници ќе бидат едни со други, едно во Него и едно со Отецот и Синот (Јован. 17. 21). Да се ​​верува дека може да се дојде до Христа без врската со Црквата, Којашто Тој ја соѕида, е протестантизам, најстрашна од сите негови ереси, која ја негира Црквата како таква. Му реков на мојот соговорник дека додека тој самиот не дојде до Христа преку Црквата, Којашто Христос ја основал, нема да биде во можност никого да приведе до Христа. Самиот тој ќе остане туѓ за Христа и сето тоа што го чини, кое нему му изгледа дека е направено поради Христа, Христос нема да го прими, како што не ги примаше жртвите на непокорниот народ Израилски, за што е кажано преку пророкот Исаиј: „кој принесува јагне за жртва, е исто како оној што задушува куче“ (Ис. 66. 3).

Знам за еден манастир во САД кој беше во раскол. Братството на манастирот тоа не го знаеше, мислејќи дека нивната јуриздикција е канонска. Меѓутоа, во една прилика сериозно замислувајќи се околу ова прашање, тие почнаа да размислуваат и видоа дека тоа не е така. На заедничкиот собир на браќата беше одлучено да се бараат начини за присоединување кон канонската Црква. Поминаа четири месеци додека браќата го најдоа најблискиот Епископ, стапија во контакт со него, поднесоа формално барање, чекаа одговор, по што на радост на отците, беа примени во Црквата Христова. Но, за сите овие четири месеци, во нивниот манастир не се служеше Литургија. Таква е православната свест! Ако свештеникот сфати дека тој е одвоен од Вселенската Црква, првиот нормален заклучок на тоа ќе биде дека не постои Евхаристија, лебот останува леб, виното останува вино. Служење Литургија во таква состојба, за совесен човек е исто толку незамисливо како и да богохулиш.

Свештеникот, којшто знаејќи дека престојува во раскол со Вселенската Православна Црква и понатаму продолжува да служи Евхаристија, не само што покажува непознавање на еклисиологијата, туку покажува и рамнодушност кон вистината, односно, кон Христа, бидејќи Христос вели: „Јас сум вистината“ (Јован 14. 6). Кога зборував со расколниците, многу од нив се обидуваа да ја бранат својата расколничка „еклисиологија“. Тие ми говореа дека некои Помесни Цркви, автокефалноста ја добивале токму по тој пат на кој стапила и нивната религиозна организација. Самоиницијативно, со незаконско прогласување, пребивање во одлаченост и на крајот, признавање.

И тоа е тоа! Тоа е првиот и последен аргумент на расколниците – филетисти!

Замислете дека вашиот брат се обидува да скокне од кровот на десеткатница, и дека на сите ваши молби и убедувања, најсвесно ви одговори дека имало случаи, кога луѓе што паднале од толкава висина, останале живи. Имало такви случаи? Имало! Значи, и за него е можно. Тоа е тоа, завршен разговор. Така е со расколниците: целата нивна „црковна“ историската наука е насочена кон тоа да пронајдат некои историски примери за да го оправдаат своето постоење, насочувајќи го разговорот колку што е можно подалеку од фактот, дека отпаѓањето и пребивањето во раскол е смртен грев кој ја убива човековата душа за вечноста.

Mоже многу да се зборува за луѓе кои паднале од зграда и преживеале, може да се сетиме и на Весна Вуловиќ која падна од висина повеќе од десет километри и остана жива, но зар тоа го укинува фактот дека падот од огромна висина е смртоносно опасен? И, зошто да се молчи кога има многу повеќе примери на смртни случаи на луѓе кои паднале од толкава висина? Во историјата на Црквата постојат многу примери кадешто луѓето создавале смут и расколи под плаштот на автокефалноста и никаква автокефалност не добиле! Значи, далеку е тоа дека сите што паднале преживеале. Од каде пак увереност дека во овој случај ќе се преживее?

Покрај тоа, луѓето од расколот, се залажуваат со бројот на формални членови во нивната верска организација. Ете, не може целиот народ да загине, значи дека и нашата заедница е, исто така, Црква. Но, тоа не е аргумент на разумот, туку на емоциите. Така би можел и некој патник на „Титаник“ да помисли дека не е можно толку голем брод да потоне и толку многу луѓе да загинат!

Во тоа е и трагедијата, што во реалноста сите оние кои живеат надвор од канонската Црква пропаѓаат, дури и ако себеси се нарекуваат православни. И, особено е тажно што гинат, имајќи ја секоја можност да се спасат.

После многу контакти со расколниците-филетисти, принуден сум да верувам дека основната причина што овој проблем на расколот не е решен, е рамнодушноста на овие луѓе, коишто себе си се нарекуваат православни, парохијани и клирици на расколничките „цркви“. Нив, како по правило, не им е грижа да осознаат каде е вистината, не ги интересира да дознаат каде е Христос, каде е Црквата. Нив им е сеедно! Но, тоа е толку тажно! Поради тоа и преговорите со расколниците често се покажуваат бесмислени, како и секој разговор со еден човек, на кој не му е важна вистината.

Но, ако тоа не е така, тогаш, барем заради оние луѓе кои се во раскол и чија вера не е само семејна традиција, израз на националниот идентитет, прилог кон патриотизмот или интересно хоби, туку смисла и правило на животот, треба да се стапи во дијалог со расколниците, за да им даде повод да се замислат за нивната положба во однос на Црквата Христова и следствено, во односот со самиот Христос.

Извор: http://www.pravoslavie.ru/smi/48272.htm