На читателите им предлагаме едно лично мислење кое денес веројатно отстапува од вообичаеното, само со цел да покажеме дека тоталитаризмот во ставовите денес повеќе не може и нема потреба да биде наметнуван.

ЗА „ТАТКОВИНСКАТА ПРОСЛАВА“ НА ТЕРЕЗА

Јасно е за секој православен верник дека Тереза не е ништо друго, туку уште еден христијанин роден и загинат во ереста на папизмот. Нејзиниот пиетистички хуманизам (од мнозина оспоруван и како контроверзен), колку и да е вистински, скоро и да е безначаен за Црквата. Не, зошто не е потребен, туку затоа што нема суштинско значење. Христијанството го подразбира хуманизмот, но целта не е хуманоста сама по себе, туку обожението. А обожението е невозможно надвор од православната Црква.

Така, се поставуваат неколку клучни прашања: Дали Тереза ги учеше засегнатите Индуси, спрема новозаветните синтагми: за „љубовта на вистината“, но и за едносушноста на „делата (на љубовта) и вистината“ како два неопходни услови за обожение, та наместо за љубов како сентиментализам – да ги научи за љубов како богочовечка категорија? (2 Сол. 2, 10), (1 Јован 3, 18). Или Тереза, споменативе ги направи паписти, наметнувајќи им го својот римо-католицизам, единствено за да имаат кришка леб и лекови?

Јасно е дека нејзината дејност, не се разликува во ништо од она што генерално го прави Римокатоличката Црква, а тоа е една патетична, стерилна, патолошка, хуманитарна, но и тенденциозна пропаганда, која секогаш оди во корист на самата Римокатоличка Црква (на нејзините банкарски конта и на нејзиното политичко влијание), за сметка на вистината и за сметка на милионите загубени души.

Православното наследството добиено од Отците на Црквата при вакви примери на христијанско докажување, искажано уште од светиот Григориј Богослов е дека: ниедна добродетел на човекот, не е толку голема и корисна, како што е исповедањето и чувањето на правата вера, која за жал Тереза ја немаше. Според тоа за православните, случајот „Тереза“ е одамна апсолвирана тема за која не е потребна дискусија. Но, потребна е молскавична критика кон синкретизмот на домашниот политички естаблишмент, кој организира т.н. „Татковинска прослава“ за Тереза.

Иванов, Груевски, Димитриев, Божиновска, Трајановски, Канчевска, Пимен, па и Заев, Шекеринска, Ременски, Фити и останатите (сите до еден декларирани православци), со своите проунијатски изливи од високите позиции кои ги имаат во општеството, ја задолжуваат во туѓо име целата нација, кога прославуваат нешто, што немаат право да го слават во името на сите нас. Барем, кога веќе го прават ова недело („поради кое иде гневот Божји врз синовите на непослушноста“), нека бидат доблесни како некогаш евреите и нека си кажат исклучиво во свое име: „крвта Негова, нека падне на нас и нашите деца“. Бидејќи со ваквата нивна постапка, како повторно да го распнуваат Христа. Затоа што еве, има граѓани како мене, а не сум само јас, на кои оваа држава им е исто така татковина и кои одбиваат да се согласат, ниту пак сакаат да бидат дел од било каква „Татковинска прослава“ на Тереза Бојаџиу.

Мислам дека времето на комунизмот заврши кога политичарите правеа се, во името на сите.

П.С.

И на крајот иронијата да биде поголема, во исто време со Тереза, се појави иницијатива од расколничката МПЦ, преподобниот Јоаникиј од Скопско Ракотинци да се прогласи за светител. Старец Јоаникиј е несомнено свет човек, но МПЦ, нема право да го канонизира само затоа што тој живеел на територијата, каде МПЦ денес расколува. Тој се упокои во 1940 година, како клирик на Канонската Црква (СПЦ), а расколот во кој се наоѓа и МПЦ, да повторам, не раѓа светители. 

Дури со нејзината негрижа, МПЦ, по втор пат го уби Старец Јоаникиј кога не успеа да го сочува, неговото, од Бога пројавено нераспадливо тело. И покрај повиците на мнозина верни во тоа време, незаинтересираноста и неодговорноста на МПЦ, допринесоа неговото свето тело да се поплави и така да се распадне. Значи, Старец Јоаникиј Ракотински, Архимандритот на СПЦ, е едно вистинско светило кое денес стои пред Бога, за разлика од Тереза. Но сепак, спомнувањето на еден таков свет човек кој го обожил своето постоење, не предизвика никаква реакција кај народот, а, и политичарите, обожението, тешко можат да го продадат за лична популарност. А, за Тереза дури и Рада партизанката, шамија стави, и сите други, особено вмровците, беа преполни со пиетет кон неа.