Учењето на Црквата за расколот е дека тоа не е живот според православните завети, поминат во смирение и оддалеченост од светот, туку театрална демонстрација на Православието, преку скандирање пароли со кои расколниците ја шират лагата како вистина, смртта како спасение, очајанието како лажна надеж. Токму вакво театрално, исполнето со лаги, очајничко скандирање, дури и со еден ултимативен тон, има во обраќањето на расколничкото македонско монаштво до претстоителите на православните Цркви.

Ај што бесрамно се ставија во улога на актери за театарската претстава на вмровскиот политички инженеринг, темпирајќи ги своите памфлети со „чудото од Трубарево“, аболицијата на Иванов, пожарот низ скопските улици, изборите и т.н., туку, гледајте ја дрскоста и во начинот на кој тие монаси–расколници се обраќаат до сите православни поглавари, уште и со „услови“ кои им ги поставуваат, за овие да ги извршат.

Така, „монашки смирено“, тие, на сите православни претстоители ширум вселената: на „јасен и недвосмислен“ начин, „под итно и неодложно“ им кажуваат да признаат еден „измислен и политички проблем“. Каква е оваа гордост расколничка? Тие, кои дури и пред безбожните политичари, исто како пред своите расколнички водачи, како риби безгласни со години молчат, сега, со смелост пред православните поглавари го креваат гласот?
Но, и покрај својата бесрамност во обраќањето, тие немаат ниту еден единствен збор со кој барем малку би покажале желба за стапување во Соборната Црква, немаат ниту една покајничка реченица со која ќе изразат жалење до Соборното Православие заради гревот на расколот, кој го живеат, туку само тресат, така, од ракав изречени барања да им се исполни намерата и точка.

Нивниот расцеп е дотолку поголем што кутрите не разбираат дека во Црквата не функционираат законите на политичката диктатура, која на нив им е очигледно поблиска, туку законите на смирението, преумувањето, солидарноста, љубовта. Тие дури се и еклисиолошки ослепени и забораваат дека во нашава „државна и граѓанска форма на управување“ – Р. Македонија, веќе има сеправославно призната, канонска Црква – со име Охридска Архиепископија. Зар навистина сметаат дека некој ќе признае уште една Охридска Архиепископија како што бараат? Навистина тажно.

Единствено во делот кој го споменуваат за: „измислениот и политички проблем“, ја говорат вистината, бидејќи нивната МПЦ е навистина таква. Таа е политичка измислица на Комунистичката партија, за што многу пати е пишувано со факти. Па, ако проблемот МПЦ е измислен и политички, зошто залудно се обраќаат до Соборното Православие, кога Соборното Православие не решава политички проблеми?!

Некој во Црквата, за вакви примери како нашиве расколнички монаси, има кажано: најголемо безумие е да го загубиш Бога, па затоа и Црквата во своите химни ги нарекува „безумници“, сите расколници и еретици, и за таквите додава дека се: „луѓе душевни, а не духовни, бидејќи се оддалечиле од единството на верата“ (Јуд. 1, 19). Следствено, непокајаниот грев на расколот се претвора секогаш во очај, и расколот, како и секоја утопија, завршува со очај. За жал, оваа душевност, овој очај и ова безумство, во вистинско светло ги гледаме од писмото на овие разочарани и изморени монаси. А, Христос, ним им вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). Зошто: „Моите го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене“ (Јован 10, 27). Но, според отците на Црквата: гордоста го мрази послушанието, а расколот е пород на гордоста; затоа и тие остануваат глуви на сите повици за излез од расколот упатени и до нив и до нивните слепи водачи на слепци (Матеј 15, 14).

И зар не е апсурд, монах што оставил сè заради Христа, да живее во раскол, уште пак и да е разочаран? Зошто тогаш станал монах? Зар не е апсурд мантрањето со барања за некаква автокефалија, кога сѐ уште не си ни Црква? Од друга страна, што ќе му е на монах автокефалија? Не е ли доволно за секој христијанин, уште повеќе за монах, да биде само со Христа (во Неговата Соборна Црква) и ништо повеќе, по зборовите на Светиот Јован Златоуст: „Со Христа, дури и во адот е добро“. Бидејќи, не е идентитетот на христијанинот – автокефалноста, туку – Христовата Соборна Црква.