Да се слават темните моменти од својата историја, од својот пад, од расцепот, да се прославува една нецрковна одлука на тогашната комунистичка гарнитура, која подоцна го ќе го одреди статусот на Македонците како расколници, очигледно го можат само народи како нашиот недоволно созреани, непросветени, паднати.

За да одговориме на оваа искривена верзија на историјата која гледаме и до ден денешен почива на лаги и лажен патриотизам, накратко треба да ја повториме вистината за т.н. прв црковно-народен собор, од гледна точка на Едната Света, Соборна и Апостолска Црква.

Имено, луѓе, кои во Црквата не се надлежни да го прават тоа, се собраа (замислете во Офицерскиот дом во Скопје, дури не ни во црква!) и сами одлучија да направат „црква“, која ќе биде независна од било која друга помесна црква. Со тоа, свесно го нарушија канонскиот поредок на Црквата и со еден своевиден црковен пуч, посакаа да узурпираат веќе постоечка православно призната јурисдикција.

Така, во време кога од своите катедри беа протерани канонските Архиереји Јосиф и Викентиј, и им беше забранет влезот во Македонија од властите на Македонија, група луѓе, делегати, го одржува т.н. црковно-народен собор. Тие 300 делегати, од кои најголемиот број беа: комунисти, офицери, борци, лаици, муслимани, католици, евреи итн., а без ниту еден православен Епископ и со само неколку свештеници (бидејќи во тоа време на целата територија на Македонија имаше вкупно 13 свештеници), одлучуваат да ја создадат Македонската православна црква. Токму затоа со овој собор и со овој акт, de facto започнува расколот во Македонија, па вториот собор подоцна само ги потврдува овие одлуки и ја креира МПЦ, која пак во 1967 год. и de jure го запечатува својот расколнички статус.

Тогаш, што славеа вчера МПЦ и државата, ако не срамот на македонскиот народ, ако не идејното создавање на етнофилетистичкиот раскол, токму преку „симфонијата“ на државата и црквата.

Па, како што и во далечната 1945 год., така и во 1967 год., државата застана во целосна заштита на својата творба. Така и денес, преку говорот на Претседателот на Собранието на Р.М., државата ја потврдува недвосмислената сплотеност со МПЦ и порачува дека има должност да ѝ ја понуди сета своја помош во расчистување на своите проблеми.

Токму како по онаа српската: „Створили смо је, сад ћемо да је љуљамо“.