За реакцијата на игуменот Партениј по средствата за информирање (http://religija.mk/vistinski-sloboden-e-samo-onoj-shto-se-bori-so-strastite-i-zloto-vo-sebesi/), а во врска со критиките лично кон него и неговото братство би можело да се каже следново:

Очигледно дека конечно на игуменот Партениј не му е баш драго што е препознат дека го менува политичкиот дрес во зависност од тоа која партија во Р. Македонија е на власт. Но, тоа веројатно и не е најголемиот негов проблем. Многу векови пред Партениј, језуитите ја смислиле реченицата: „Целта ги оправдува средствата”, и токму ваквиот одговор го правдале со она што пред некој ден го направи Партениј. Тој нашироко во својот одговор на нападите кон него и неговото братство пишува за велелепниот дворец кој го нарекува манастир, а кој по пожарот за кои постојат и гласини дека монасите сами си го подметнале, му го обнови и направи токму ВМРО – ДПМНЕ. И секој кој малку не заборава, знае каков сервилен однос овој игумен држеше кон ВМРО – ДПМНЕ за цело време додека беа на власт. Само по неколку денови откако власта беше сменета, овој користољубив човек сета поддршка ја изрази кон новата власт за да може како „мирно јагне” да цица од повеќе мајки.

И секако сѐ би било во ред доколку со тоа не ја нарушува неговата доследност и идентитет на пастир, кој не треба ниту политичките сфаќања да ги менува како кошулите, а камоли верата да ја става во служба на материјалните и политичките интереси. Овие редови не се наменети за навредливо и зајадливо осудување, како што претпоставувам дека во немање други аргументи, игуменот Партениј повторно ќе ги окарактеризира, неодбранливо бранејќи се.

Прво, неточно е дека сѐ што е направено во Бигорската обител, направено е од „македонскиот народ”. Секој кој е упатен во црковните работи знае дека градителската црковна желба на македонските граѓани во поново време е недоволна. „Македонскиот народ” сам и без помош на некој од бизнис заедницата, а особено властите не може да направи едно мало црквиче како оние маскоти црквичиња во населба Аеродром во Скопје, а камоли да направи царски дворец од типот на Бигорски манастир. Не се соблазнува никој игумене Партениј ниту од „великиот синодикон”, ниту од „манастирската библиотека”, туку луѓето се соблазнуваат од тоа што и врапците веќе го знаат, дека трошите на луксузи, а народот нема да јаде. Вашите монаси и ценети монахињи секој втор ден се во Солун да ги купат најквалитетните производи за вашите „скромни” трпези. Сите солунски црковни трговци се ваши најголеми пријатели и сите нѐ прашуваат дали го познаваме Партениј кога ќе отидеме до Солун, затоа што нивните добивки од вас се мерат со стотици илјади евра. Сите знаеме дека сѐ што ви е убаво во манастирот е од Грција, каде сте потрошиле многу „македонски” пари.

Но, ни тоа не е толку страшно, колку што е страшна како што претходно рековме вашата недоследност. Вие ги критикувате сите соседни народи за национализам, а всушност токму нив им ги оставате „македонските” пари и со тоа нив ги богатите.

Вашите монаси и самиот вие сакате да се претставите како луѓе кои се жртвуваат за татковината. Но всушност вие се жртвувате само за вашиот луксуз кој го претставувате како жртва за татковината. Затоа ви е потребно и вакво политичко прешалтување какво што направите деновиве. Вие татковината ја поистоветувате со вашиот луксуз и бранејќи си го тој луксуз сакате да ни прикажете дека ја браните татковината. А на верски неписмените власти кои досега владеат тоа им го претставувате како патриотизам. Кога одите пак на Света Гора им велите на некои монаси во поедини манастири и скитови таму, дека схизмата во Црквата во Р. Македонија ја правеле политичарите, а вие сте биле за единство. Но, добро е што веќе сите ве прочитале, и дома и надвор. Вие знаете дека надвор немате ама баш никаков углед меѓу другите православни во светот, а сега почнаа да го оспоруваат вашиот култ на личноста кои сами си го градите и во нашата татковина. И немојте тие што дошле до таквите сознанија да ги нарекувате острастени личности, само затоа што ја сфатиле вистината за вас и вашето братство и уште се осмелиле тоа да ви го кажат в лице.

Слободни се игумене Партениј тие кои одамна ви пишуваат и кажуваат дека на службата на која се наоѓате потребно е да служите со искреност и доследност. Вие сега го поддржувате договорот за добрососедство што нашата татковина го потпиша со Р. Бугарија. И веројатно добро правите со тоа. Но, знаете ли дека тој договор значи потполно разболичување на Институтите за национална историја на Р. Македонија кои создаваа фалсификувана историја која никој во светот не ја признава, и тоа цели 72 години, од 1945 година. Е тоа е вашата недоследност господине игумен. Не може да се седи на две столчиња. Владата сега со еден потпис призна дека сѐ што се градело како национална историја од 1945 година било лага и фалсификат. Тоа вие не го знаевте?

Одамна тоа ви го кажуваше Архиепископот Јован, но вие за тоа го затваравте, и тоа не еднаш, не два пати туку 7 пати, и помина полни 5 години во затвор, затоа што вие кога го градевте вашиот царски дворец не ви беше стасало до вистината, туку само да се дограбите до владините пари.

Е сега тоа го плаќате со угледот.

Ако свесно и искрено го кажувате она што е јавно објавено, дека „сте многу грешен и не заслужувате никој да ве почитува” тогаш најдобро е да си дадете оставка. Како што сам велите „вашите браќа заслужуваат”. Препуштете го местото, на некој поодговорен, подуховен и пообразован, зашто вие не се карактеризирате со ниту една од овие карактеристики освен со дарбата за сплеткарење. Всушност вие тоа сам си го признавате токму во истиот текст кој е предмет на оваа критика. Велите дека „не знаете да ракувате со мобилен телефон на допир”. Па ако вие тоа не го знаете во денешно време, кога децата од три години тоа го знаат, тогаш како некој може да смета дека воопшто нешто знаете?

Оче Партение, ова ви го кажувам со најдобра намера. Сѐ што градите во раскол е како градење на песок за кое се говори во Евангелието. Па нека изгледа тоа и на царски дворец, како Бигорскиот манастир. Вие не градите жива Црква, туку толпа на ваши послушници, но не по разумот, за кои говори апостол Павле. Дел од тие послушници имаа лична полза, зашто се на платниот список на вашиот манастир, а другите со години остануваат почетници во духовноста и единствено што добро знаат е бидат цел живот полтрони, ласкачи и носители на култ на вашата личност. Но, тоа сега гледате колку е погубно за вас, а особено за нив. Таа духовност која ја градите е нездрава, болна и неправославна. И затоа ве молам не зборувајте за слобода. Нема слобода без вистина, нема вистина без единство на Црквата. Чичката не раѓа смоква, драг игумене.