Анализа по коментарите на новинари, самопрогласени експерти и по соопштението на ВМРО-НП за пораките на Рускиот Патријарх од Белград

Тоа што нашите новинари и „верски експерти“: Бранко Ѓоргевски, Марјан Николовски, Катерина Блажевска, Радмила Заревска, Оливер Бранковиќ, Цане Мојановски и други, деновиве не можеа да го видат, тоа за изненадување „кристално чисто“ го виде и им го соопшти ВМРО Народна Партија. И покрај секојдневните анализи, споменатите партиски журналисти, за жал не успеаја да ја склопат магичната коцка од посетата на Рускиот Патријарх во Србија, кој, реши да го одмолчи македонското црковно прашање. Но не секогаш молкот, значи и игнорирање на проблемот.

Најнапред, би ги исправил ВМРО-НП во проценката дека премолчувањето на кристално јасните пораки се последица на медиумскиот мрак. Напротив, имаше неочекувано многу известувања на оваа тема. Мракот, беше повеќе во умот на споменатите „експерти“ правилно да ја согледаат реалноста, односно немоќта да се признае пред себе си и пред  јавноста дека всушност (како што вели и ВМРО-НП): „Рускиот и српскиот поглавар, канонски ја определија позицијата на ПОА за нивна братска црква!“  Ете, тоа е вистината и нема што повеќе да се додаде. Зар требаше ВМРО-НП да се огласи за да им ја објасни на нашиве „експерти“ пораката на рускиот патријарх? Православната охридска архиепископија безброј пати го има повторено вековното учење на Црквата дека единството во верата, се потврдува преку заедничкото сослужување и братското заедничарење во тајните на соборната црква. 

„Православната црква“ која го нема тоа литургиско единство се нарекува расколничка црква.

И кога веќе ја споменувам ВМРО-НП, треба да го додадам и следново. Да останеше ВМРО-НП само на овие зборови дека ПОА е единствената братска црква на Руската и Српската, тоа ќе беше за пофалба и ќе претставуваше пример на партија со визија за иднината. За жал ВМРО-НП во продолжението, погази на претходно кажаното, и, всушност го истакна своето вистинско лице. Лицето на нивниот лидер, кој години наназад себеси се претставува како созреан и прагматичен политичар, вистински либерал, борец за демократија и човек кој нема проблем со својот, ниту со туѓите идентитети, а, всушност се уште е заплеткан во мрежата на национализмот која ја плетеше уште во раните 90-ти години од минатиот век, страдајќи од комплекс на инфериорна вредност. 

ВМРО-НП преку својот исказ, реши жестоко да се противи на единството на Црквата остварено преку ПОА, потпирајќи се на погубниот раскол на МПЦ. И неразбирајќи дека вистинска афирмација на својот идентитет, се стекнува токму преку единството со останатите во соборната црква, каде нема веќе ниту Јудеец, ниту Елин. 

ВМРО-НП со тоа што побара жестока реакција од расколничката МПЦ и од државата, поради средбата на епископите на ПОА со Рускиот Патријарх, малтене повика повторно на линч врз ПОА, која страда веќе 12 години. Линч кој е запишан во историјата дека почна токму од денешниот лидер на ВМРО-НП. Со тоа, лидерот на ВМРО-НП покажува дека, само е верен следбеник на политиката на Едвард Кардељ од 60-ите години на минатиот век и Бранко Црвенковски од поново време во однос на МПЦ. Па и неговата идеолошка матрица, си останува тоталитаристичка колку и тој декларативно да го негира тоа. Инаку, кој нормален политичар во 21 век, освен лидерот на уште една партија со префикс ВМРО, демонстрира ваква нетолеранција кон луѓе кои имаат право, слободно да изберат да не припаѓаат на МПЦ? Свесна или не, ВМРО-НП заради некои свои интереси предизвикува повторно штета и за црквата и за државата, наместо корист.

И за крај  како што ВМРО-НП го завршува своето излагање со едно иронично прашање, така и јас со иронија ќе се запрашам, дали можеби оваа партија или уште повеќе нејзиниот лидер, со овој излив на емоции штитејќи ја МПЦ, преку афирмирање на нејзиниот расколнички статус, како и со некои други настани од изминатиов период, на пример добивање владин тендер за градење барок во центарот на Скопје и сл., не одработува токму владина агенда, односно не работи токму за интересите на владејачката партија.

http://aktuelno24.mk/vmro-np-zoshto-mpts-gi-premolchi-jasnite-poraki-na-ruskiot-patrijarh