Ќе престане ли веќе еднаш, Б.Ѓ. да ниже колумни полни со фрустрации, наметнувајќи се во јавноста со своето нецрковно резонирање за актуелните случувања? И нема ли поради тоа, конечно, да биде повикан на одговорност од Црквата?  

Зошто, сигурен сум дека барењето одговорност од неговиот медиум (кој, како што слушнавме е под директна контрола на „началникот“, ако не и самиот Б.Ѓ.), нема да се случи. Но заради добро на Црквата, можеше барем некој од расколничката МПЦ на која Б.Ѓ. и припаѓа, да се огради од неговите коментари кои со години ги пишува и го труе народот.

Само што, изгледа, преумувањето е сѐ уште туѓ поим за дел од македонскиот народ.

Значи, денес повторно гледаме една безвредна и навредлива колумна од човек кој очигледно според своето однесување има нервно растројство, бидејќи на почетокот од напишаното, тој, по долги години конечно се убедил дека Архиепископот Јован е единствениот признат Архиепископ во Македонија, а другиот, расколникот, никој во православието не го признава. Еурека! Но во продолжението, Б.Ѓ. и покрај тоа што е свесен за вистината, помрачувајќи се, продолжува со цинизам да пишува за затворските маки и страдања на еден Архиепископ, ословувајќи ги со „наводно мачеништво“, иако Б.Ѓ. за своите идеали ниту три дена не би издржал во Идризово, а камо ли три години, како последните три на г. Јован. Но, важно е дека во Македонија имало (во неговата фантазија) многу други маченици кој се жртвувале за автокефалноста на МПЦ. 

Понатаму вели дека ќе се спротивставувал на некои црковни решенија, или со други зборови се осмелува самиот тој да ги одредува позициите на Архиерејите во Црквата, а сугерира и како би требало да се реши едно црковно прашање.

Фала му на Бога што на крајот, сепак, ништо нема да зависи од вакви дилетанти со очигледен мисловен расцеп, како Б.Ѓ. кои се вообразиле дека значат нешто во државата.

Но сепак за да му се помогне на Б.Ѓ., барем во неговите очајнички обиди, што побргу да го сфати исходот од преговорите, зошто на моменти кај него тоа преминува и во една патолошка упорност, треба уште веднаш да му се нагласи дека, МПЦ не ќе е во можност да инсистира да го добие тоа што самата го сака, туку низ покајание ќе треба да го прифати, тоа што Црквата ќе ѝ го даде. За повеќе, самиот нека проучува, што и како. 

http://dnevnik.mk/?ItemID=31ECEAED4A86754F96C7D40846F5F22C