Ги гледаме патријарсите на другите цркви како покрај богослужбите, постојано се наоѓаат во некои активности, држат предавања, организираат разни симпозиуми за теологијата па дури и за заштита на животната средина, патуваат за да се сретнат со светски духовни и политички лидери, учествуваат во јавни дебати. Тука нема потреба да се набројуваат нивните секојдневни дејности како отварање на црковни стоматолошки амбуланти и домови за стари лица, црковни радија, телевизии и така натаму.

А, по што е познат Дедо Стефан? Сѐ што е изградено во негово време, со гребење од сите граѓани му го изградила партијата, а Дедото Стефан не сме го виделе на ниту една јавна дебата и од него не сме чуле став по ниту едно прашање.

Освен на разни приеми и коктели, Дедо Стефан е невидилив човек.

Еве и деновиве го нема никаде. Сигурно гледа како да се прешалта од Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство во Социјал-демократскиот Сојуз на Македонија.

Дедо Стефан од првиот ден кога застана на чело на непризнатата МПЦ сам си се пензионираше себе и до денес си ужива во благодетите на средениот пензионерски живот.

Се чини дека летово е најфиното време Дедо Стефан од пасивната пензионерска положба да премине во активна пензионерска положба. Со оглед на тоа што и сега живее како пензионер за него ќе нема никаква разлика, а барем ќе го смени на добро имиџот на неговата непризната црква, за да не биде веќе Македонска Пензионерска Црква.