arhiepiskopot jovan sosluzhuva so patrijarhot teofil na hristoviot grob

Епископот Давид (Нинов), на 2.12.2015 г., одржа предавање во Р. Грција, со впечатлив и ветувачки наслов: „Килкис и Струмица – градови со заедничка иднина“. Ова предавање постигна една цел, а таа бездруго е одржување на навистина скромната и повремена можност да се проговори за црковните состојби во Р. Македонија. Се разбира таа повременост е апсолутно недоволна, имајќи ја предвид сериозноста на состојбите, та останува да се надеваме дека конечно ќе прерасне во постојана и отворена дебата, која конструктивно ќе придонесе за решавање на проблемот на непризнатата МПЦ-ОА.

arhiepiskopot jovan sosluzhuva so patrijarhot teofil na hristoviot grob

Фото: Архиепископот охридски Јован служи Литургија со Јерусалимскиот Патријарх Теофил на гробот Господов во Јерусалим.

Ставовите на Епископот Давид беа предмет на интерес на новинарот Марјан Николовски во „Денешен Весник“, од 12.12.2015 година. Доколку го погледнете текстот на Епископот Давид сосема јасно ќе ги видите и научните референци на кои тој го основа изреченото во неговото предавање. Станува збор за релевантни научни истражувања и имиња на, ширум светот, признати и познати научници. Сосема спротивно на тој научно издржан пристап, кој стреми кон тоа објективно да ги согледа историските околности, па и промашувања, со цел никако да не заглави во нив, туку да ја отвори перспективата на заедничката иднина, новинарот Марјан Николовски просечно и од ѓутуре изнесува сентиментално испомешани ставови, кои едноставно не кореспондираат со реалноста. При такви околности навистина е тешко да се дебатира, барем не на исто рамниште.

Новинарот Марјан Николовски не наведува ниту една научна референца во однос на она со што полемизира, не наведува ниту еден релевантен извор со кој ќе ги побие ставовите на пр., на Ј. Тарнанидис дека Вселенската патријаршија го има расчинето бугарскиот егзарх Антим, не наведува референца каде може да се провери на кој датум и од чија страна е спроведен од него посочениот „референдум“, не наведува референца каде е научно поткрепен фактот дека егзархијата била „црква на словенското население (а не само на Бугарите)“, и не наведува дали тогаш Македонците се чувствувале Словени или потомци на Александар Велики, кој секако не бил Словен.

На пр., доколку продолжи оваа дебата, во конструктивен дух, јас ќе ги наведам архиерејите на Вселенската патријаршија кои биле Словени и служеле на црковнословенски јазик за Словените што на територијата на Македонија останале верни на канонската црква и не сакале да бидат дел од расколничката егзархија.

Исто така, по потреба можам да наведам повеќе издржани извори од кои јасно се гледа дека егзархијата била расколничка црква и дека била примена назад во соборноста на Црквата на 25.02.1945 г., откако биле исполнети условите кои ги поставила Вселенската патријаршија, од кои првиот бил бугарската црква да напише покајно писмо во кое ќе бара простување, што таа бездруго и го направила. Ако не била расколничка, зошто би го правела тоа и не само тоа, бидејќи исполнила и други услови поставени од Вселенската патријаршија (ако има потреба, ќе бидат наведени). Лично очекувам такво нешто да направи и МПЦ-ОА, доколку навистина сака да се врати во соборноста на црквата и да ја отстрани флеката на комунистичката автокефалија.

Оттука, апсурдно е тоа што го тврди новинарот Марјан Николовски дека „МПЦ-ОА е во потполно единство со сите помесни православни Цркви.“ Навистина е невозможно овој исказ да се третира сериозно, па затоа во случајов ќе распишам награда од 1.000 денари, за секого што ќе ѝ покаже на јавноста фотографија на која расколничкиот архиепископ Стефан како претстоител на МПЦ-ОА сослужува на Литургија со било кои други претстоители на помесни православни Цркви, за на тој начин да го потврди исказот на новинарот Марјан Николовски за „потполно единство“. Доколку таква фотографија не ѝ биде презентирана на јавноста, ставот на новинарот Марјан Николовски ќе остане уште една запишана невистина и уште еден негов сентиментален излив.

moskva petar timotej inoverni

Фото: Во Москва, МПЦ-ОА не служи Литургија со Московската патријаршија, туку е во редот со претставниците на црквите кои според Православието се сметаат за ерес.

Во однос пак на комунизмот, Епископот Давид никаде не вели дека народот кој ѝ припаѓа на Црквата е комунистички, туку дека одлуката за прогласување на автокефалија е одлука на Комунистичката партија на Тито. И тоа не го истакнува произволно, туку се повикува на пр., на изјавите на Емилија Црвенковска и на нејзиниот татко, комунистичкиот водач Крсте Црвенковски кој самиот сведочи дека токму тој е најзаслужен за комунистичката автокефалија (има ли потреба да се осврнуваме на мемоарите на Крсте Црвенковски во „Заробена вистина“?). Е, со тие ставови треба да се полемизира и да се најдат научни аргументи кои ќе го докажат спротивното.

Можам да го разберам новинарот Марјан Николовски кога се повикува на потребата на македонскиот народ да има свои епископи, свештеници и да се богослужи на македонски јазик. Сето тоа е легитимно, тоа беа и мои барања кои јас ги добив во црквата на која ѝ припаѓам – Православната Охридска Архиепископија.

Но, новинарот Марјан Николовски ако сака може да разбере дека штом сите помесни православни цркви до сега не ја признале таа одлука на Комунистичката партија за „автокефалијата“ на МПЦ од 1967 г., тогаш никогаш и нема да ја признаат. Барем не до покајанието на МПЦ-ОА за црковниот пуч што тогаш го има направено.

Затоа на ова прашање треба да му се пристапи без сентименталности, со трезвено согледување на минатото во повеќенационалната Македонија, каква што е и денес, треба да му се пристапи со целосна настроеност кон решение за доброто на сите, решение кое сигурно не е во историјата, туку во иднината, а кое верувам дека подеднакво го посакуваат припадниците и на непризнатата МПЦ-ОА, и на признатата и канонска Православна Охридска Архиепископија.

Впрочем, новинарот Марјан Николовски работи во телевизија каде (бидејќи, како да имам забележано дека се повикува на транспарентност), може да ја отвори темата, може да покаже дека е демократ, може да отвори повеќе дебати во живо, во кои ќе повика да учествуваат сите засегнати страни, каде што на сите ќе им даде поденакво право да ги изнесат своите видувања, ќе повторам, сѐ со цел да се изнајде решение за проблемот на непризнатата МПЦ-ОА.