(кус осврт на емисијата „На иста страна“, прва епизода)

Овој Пимен по сѐ изгледа е најголем дилетант во МПЦ. За Марјан Николовски не е чудно што си прави експерименти, особено кога неговиот проект е добро платен. Но на ваков синкретизам во никој случај не смеел да се согласи Пимен. Да влезе во џамија, кога таму се одржува молитва на муслиманите, да се клања заедно со оние што се клањаат, според каноните на Црквата веднаш треба да биде расчинет и не само тоа, туку и одлачен од Црквата. Во однос на реченово, читателите нека ги погледнат следниве канони: Апостолски 45, 64, 71; Лаодикиски 6, 9, 33.

Но, МПЦ која почна да произведува светители не е чудно утре Пимен да го прогласи за светител со голема заслуга што ги зближил православните со муслиманите. Едно е соживот меѓу православните и муслиманите и верската толеранција за прилагодување кон даденостите, но недопуштиво е да се релативизира верата на православните како што тоа го прави Пимен, влгувајќи во џамија и молејќи се таму заедно со оџата. Соблазнително е што се гушка со оџата кога за христијаните целивот со браќата е свет и може да го споделат само со едноверните! Или можеби оџата му е едноверен?

Проектот на Марјан Николовски си има своја цел, да ги релативизира вистините на верата на православните и да направи мешавина од верските учења, но како на тоа се согласил Пимен објасниво е само со неговиот дилетантизам. Човекот очигледно нема доволно познавања од неговата вера во која е епископ, а треба другите да ги учи во верата. Сепак, тоа ви е МПЦ. Изолацијата во која се наоѓа ги прави да дејствуваат без расудување, соблазнувајќи го со тоа верниот народ.