На исток ништо ново. Дедо Стефан со екипата отиде кај новиот тренер и се пожали дека со претходниот тренер имале „образовни проблеми, долгогодишна негрижа на црковното културно наследство, узурпација на црковно земјиште, за што досега немало политичка волја за решенија“, а заради приликата да биде примен плукна и на затворените политки на претходната власт кои целосно ги поддржуваше и не му сметаа додека беа политики на власта.

Не отиде тренерот кај Дедо Стефан, туку Дедо Стефан отиде кај тренерот на баци рака и на поддршка на отворените политики на новата власт. Што ќе прави тренерот со пензионирани играчи тој нека му ја мисли земајќи ги во обзир и размислувањата на новинарите и интелектуалците кои отворено тераат подбишега со прешалтувањето на Дедо Стефан.

Па, речиси да нема човек во земјава на кого не му е познато дека МПЦ-ОА е длабоко вовлечена и зависна од случувањата во домашната политиката. Со секоја промена на власта челните лица на МПЦ-ОА гледаат што побрзо да се облечат во дресовите на владеачката партија.

Така е и овој пат.

Покрај официјалниот прием на новите дресови, деновиве и посетител на Бигорскиот манастир ги пренесуваше неговите впечатоци дека во манастирот сите монаси зборувале дека се СДСМ, а дека Премиерот Зоран Заев всушност се исповедал кај Игуменот Партениј и бил најблизок со Игуменот Партениј, а не како што се мисли со Владиката Наум.

За Владиката Наум монасите немале баш добри зборови, а самиот Игумен Партениј велел дека идеолошки од секогаш бил СДСМ само морал да биде со ВМРО-ДПМНЕ за да добие средства за обнова на манастирот. Тоа е искуството на посетителот на манастирот. Од тука почнуваат да кружат и шеги од типот што ќе прават во Бигорски ако во иднина премиер на Македонија стане припадник на Исламот.

Игуменот Партениј средствата ги доби и го обнови манастирот, плаќаше и хорови од Атина за да си прави театар во манастирот во отсуство на литургиско сослужување и единство.

На нас како Соборно Православие тотално ни е сеедно за политичкото прешалтување на Дедото Стефан, на Игуменот Партениј и целата МПЦ-ОА. Нека му ја мислат СДСМ и ДУИ. Ние дури и апелираме до СДСМ и до секоја идна владеачка партија секогаш да им доделуваат по некоја помош, навикнати се така да живеат и сигурно им е потребна.

Сепак, овие реченици решивме да ги напишеме, на некој начин Дедото Стефан и екипата, како и Игуменот Партениј со монасите од Бигорски и челниците на МПЦ-ОА да разберат и да не мислат дека народот е наивен и дека не ги гледа нивните обиди политички да се прешалтаат, а уште поважно, истовремено гледа и дека тие своето постоење секогаш го засноваат на материјалната сигурност што како коска ќе им ја фрлат политичарите, а не на литургиското единство и соборност на црквата.

Кратко речено – тоа е расколот.