На упатените во црковните работи, а такви во Р. Македонија има сѐ повеќе, позната им е историската оставштина на Доне Илиевски, со наслов „Смислата на некои отпори против автокефалијата на МПЦ“. Оваа книга е објавена во Скопје, 1970 година. Во неа недвосмислено и кристално јасно е објаснето дека одлуката за самопрогласувањето автокефалија на МПЦ и нејзино прекинување на литургиското единство со сите православни цркви ја донела Комунистичката партија на Југославија, 1967 г., во Белград. Како што истакнува авторот на книгата, најгласен функционер за спроведувањето на таа одлука бил Едвард Кардељ, придружуван од Стамболиќ, Влаховиќ и други. Секој заинтересиран може да ја побара и прочита оваа објава на вистината во редовите испишани од Доне Илиевски.

Значи, паѓа во вода тезата дека самопрогласувањето автокефалија е волја на македонскиот народ. На побожниот дел од народот му било јасно, и денес му е јасно дека автокефалија не се стекнува со одлука на Комунистичката партија. Црковно писмениот дел од македонскиот народ никогаш нема да претпочита одлука на Комунистичката партија на сметка на Соборноста на Црквата и ќе ја прифати само онаа автокефалија што ќе им ја додели Соборната Црква, а не Едвард Кардељ.

Деновиве слушаме како одредени новинари не се ништо друго освен обични марионети во рацете на потрошени политичари. За да ги покријат скандалите на своите работодавци, новинари од типот на Алге Тајне и Бранко Ѓорѓевски, извртуваат и спинуваат изјави на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Но, очигледно, таквите спинови денес немаат сила.

Сепак, постојат и малку поупатени новинари, кои не се плашат да ја кажат вистината. Вистината ослободува. Колку поскоро се осознае, толку побрзо ќе бидат решени проблемите. Новинарот Александар Чомовски, очигледно имајќи увид во книгата на Доне Илиевски, но и во архивата на МТВ, во неговата емисија „Топ тема“ на ТВ Телма, на 13. 04. 2015 г., недвосмислено истакна дека: „без комунизмот немаше да ја имаме МПЦ“, а веднаш потоа на забелешката на соговорникот, додаде дека тоа го истакнува во однос на нејзината „автокефалија“!

Во изолацијата на седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век, расколничката МПЦ можеше да го лаже народот дека е автокефална. Но, чудно е зошто денес достоинствениците на непризнатата МПЦ упорно бранат одлука на Комунистичката партија од 1967 г. за која, конечно, самите не се директно виновни.

На Чомовски и сѐ повеќе мислечки луѓе им станува јасно дека ваквиот синод на расколничката МПЦ е творба на Комунистичката партија на Југославија. Нештата ќе се придвижат напред кога ќе им стане јасно дека и на трепавци да дубат, ни под точка разно не постои шанса Соборната Православна Црква да легализира одлука на Комунистичка партија од 1967 г., која во суштина и го создаде бесмислениот раскол во кој денес живурка непризнатата МПЦ.

Расколничката МПЦ е исправена пред предизвикот – или, смирено кажувајќи ја вистината за расколот, преку покајание да се врати во Соборното Православие и да живее, дишејќи со полни гради како Црква, или во нашава татковина да си остане нешто како Англиканците, бавно изумирајќи како државна црква под капата и политиките на менливата световна власт.

На чело со нашиот Архиепископ, ние во ПОА се молиме за единство.