Нека им е честит празникот на Богојавлението на сите Христијани во Р. Македонија, и на тие што се во Соборната Црква и на тие што не се.

Овој празник нека биде наша заедничка слава, за од денес, бидејќи сѐ е ново, да започнеме сите ние со еден нов пристап, којшто ќе нѐ поведе да бидеме заедно, по углед на заедницата на Света Троица. Односно секој да придонесе да се најде начин оние кои не се во нашата Соборна Црква, а сакаат да бидат, тоа да се случи што поскоро.

Најпрвин да си спомнеме сите пред Бога и да придонесеме за побрзо излегување на Архиепископот охридски Јован од затвор. Веруваме дека секој Христијанин ниту на душманот не би му го посакал тоа низ што поминува Архиепископот Јован. Ние знаеме дека многу од браќата во МПЦ не се сложуваат со неговото затворање и за тоа сме благодарни. Секој нека каже по еден збор за неговото ослободување и така ќе бидеме поблиску до посакуваното наше единство. Кога тоа го кажаа С. Андов, Љ. Георгиевски, Е. Ризаов… веќе е полесно да го каже секој од нас. Ослободете го Архиепископот Јован.

Наши најскапоцени браќа, ве молиме не се поведувајте по ставовите на одредени луѓе коишто не сакаат да бидеме единствени. Кога ќе се решава прашањето на МПЦ никој нема да праша на пр. некој си пензиониран клирик од МПЦ, што треба да се прави и како треба да се постапи. Клеветата претставува одбранбено оружје на инфериорноста. Затоа не се поведувајте според логиката на навреди и клеветења. Ние вас ве сакаме во Христа и не се сомневаме во вашата љубов кон нас.

Ние се познаваме, ние се среќаваме на улица, во стварноста нема помеѓу нас нетрпение како што се сака да се претстави, ние сме свесни дека и утре ќе живееме заедно, а тој наш однос веројатно не можат да го разберат само поедини клирици на МПЦ кои ќе се избројат на една рака. На овој профил можеме да спориме дури и со аргументи кои можно е да прозвучат грубо, но тоа се исклучиво теолошки аргументи кои сепак нѐ доближуваат и нѐ обогатуваат во различноста. Но што ќе постигнеме ако се поведеме според личните навреди и клевети видени низ призмата на пензионираниот низок клир? На тоа одговорете си сами.

Честито Богојавление.