Р. Македонија си го смени името и сега се самоидентификува, а и другите ја препознаваат како Р. Северна Македонија и така ги започна интегративните процеси. Со влегувањето во НАТО и следно во Европската Унија, државата уште прифаќа ограничен суверенитет, бидејќи станува дел од поголема заедница.

Тоа е легитимна одлука на една мала и слаба држава каква што е нашата, одлука која се чини особено важна, за постигнување повисоки цели.

Но тогаш, зошто, кога Архиепископот охридски Јован, Епископите, свештенството, монаштвото и верниот народ на ПОА, прифатија да се идентификуваат со името Православна Охридска Архиепископија, заради постигнување повисоки цели – еднинство со останатите православни христијани од светот, и прифатија автономија, која е многу поголема од “украинската автокефалија”, зошто тогаш, Архиепископот Јован беше осумпати затворан, Епископите, свештениците, монаштвото, верниците судени, а некои и тепани?

Зошто државата рушеше цркви?

Зошто државата и денес го продолжува верскиот прогон преку одбивање на регистрацијата?

Тие, што го сменија името на државата и прифаќаат ограничен суверенитет, сè уште, безочно ги гонат оние кои имаат право на верска слобода и избор, и истите им ги оспоруваат, иако, да не се заборави, декларативно црквата е одделена од државата.

Ова долгогодишно лицемерие, ако не се исправи, во старт ќе ги поткопа темелите на Р. Северна Македонија како нормална држава. Таа била, е и ако не го искорени спомнатото лицемерие ќе остане засекогаш делумно слободна земја на полуписмени локални петли кои се китат со туѓи перја, бидејќи самите се искубани до гола кожа.

Тогаш ќе остане уште прашањето: дали продолжетокот на верскиот прогон врз ПОА ќе биде со европско знаменце?