Во своите очајни обиди да стигне до автокефалија и тоа без преумување, а не да стигне до Православието, игуменот Партениј од непризнатата МПЦ, очигледно се загуби во средствата за остварување на целта на неговата вера – Автокефалославие.

Имено, слушајќи го што зборува, човек може да стекне впечаток дека автокефалијата е единственото нешто во кое верува МПЦ, и дека и со “црниот ѓавол” би соработувале за да ја дограбат неа, на штета на верата во Бога и на единството и соборноста на Црквата.

Човекот кој од почетокот на својата кариера гради поданички однос кон секоја минлива политика во државата, човекот кој тврдеше дека расколничката бугарска егзархија е мајка црква на МПЦ, овој пат одлучил да почне да му се додворува на Фанар и да ги велича неговите сомнителни и еднострани постапки за решавање на црковните прашања во Украина, очекувајќи дека можеби и расколот на МПЦ, ќе биде надминат на исто таков, сомнителен и едностран начин.

Иако за делата на Цариградскиот патријарх, допрва ќе се расправа, го повикуваме игуменот Партениј, но уште повеќе, ги повикуваме владиците на непризнатта МПЦ, јавно да одговорат дали и тие се за автокефалија по примерот на Украина? Зошто, при евентуалното вмешување на Цариградскиот патријарх, многу тешко МПЦ би добила различна „автокефалија“, од онаа која ја добија расколниците во Украина.

А каква „автокефалија“ добија тие?

Добија име – автокефалија, која во суштина е помала и од автономија. Тогаш, спремна ли е и непризнатата МПЦ да направи отстапки во својот статус?

Во томосот на новата „црква на Украина“ се вели: „Глава на црквата во Украина е Цариградскиот патријарх“. Во тој контекст прашуваме:
дали епископите, клирот и верниците на МПЦ, наместо досегашниот Стефан, ќе го прифатат Цариградскиот патријарх за свој поглавар?

Во томосот на новата „црква на Украина“ се вели дека: „таа се откажува од нејзините епархии во дијаспората, во корист на Цариградската патријаршија“. Во тој контекст прашуваме:
дали непризнатата МПЦ ќе се откаже од епархиите кои ги има во Австралија, Америка, Европа, дали ќе ги повлече епископите кои ги има таму и дали ќе ја препушти грижата за своите иселеници на епископите на Цариградската патријаршија?

Понатаму во томосот на новата „црква на Украина“се вели дека: „светото миро ќе се добива од Цариград“. Во тој контекст прашуваме:
дали непризнатиот архиепископ Стефан, ќе вари миро сам или ќе оди да го зема од Истанбул?

Исто така, во случај на внатрешен црковен спор, дали епископатот и клирот на непризнатата МПЦ се спремни да одат на апелација во Цариград, како што тоа јасно и недвосмислено го предвидува томосот на новата „црква на Украина“?

Затоа новинарите и духовните чеда на непризнатата МПЦ треба да ги поставуваат прашањата од погоре, а потоа и овие:
Зошто Цариградскиот патријарх би ѝ дал на МПЦ различна автокефалија од таа на новата „црква на Украина“?
Зошто, спротивно на меѓуправославниот договор, томосот за автокефалија да го потпишуваат сите цркви, овој томос на новата „црква на Украина“ го потпиша само Цариградскиот патријарх?
Зошто ниту една друга црква освен Цариградската не беше на чинот на потпишувањето!
Зошто ниту една канонска црква уште не сослужувала со новата „црква на Украина“?
Дали МПЦ бара признавање само од Цариградската патријаршија или од целиот православен свет?
Дали сака да добие автокефалија како онаа напишана за Порошенко од чисто политички побуди или сака искрено да биде во единство со сите православни цркви?

Попусти изгледаат надежите на непризнатата МПЦ за некаква автокефалија.
Иако се гледа дека не им е баш гајле, можеби некои од нив ќе сфатат дека нивната вера во Автокефалославие води во конечна верска пропаст.

Во врска со: