Пендаровски деновиве падна на сентишот на расколничкиот игумен Партениј кој го молел, токму тој да биде спонзор на расколничката прослава во манастирот. Поточно, трговецот со чувства Партениј, со итрина го прелажал дури и претседателот, само да се докопа до извесни народни пари за себепромоција.

И како по некое клише, како и сите претходни и сегашни функционери, и Пендаровски загриза на мамецот на овој трговец со чувства, па преку ноќ, од атеист стана најголем верник, дури и повеќе од тоа. Заборави и дека државата ни е секуларна, па умисли дека баш него, сега, му е дојдено времето да принесе служба на Бога. А сигурно избезумен од пречекот на истренираното (за вакви прилики) монаштво, кое му паднало во „транс“, Пендаровски дури изјави дека не е претседател, туку обичен граѓанин. Но сепак заборави дека „џебот“ му е полн со сенародни средства кои има намера да ги потроши.

А каде ќе ги потроши?

Неговиот домаќин, расколникот Партениј, пред очите на целата македонска јавност за себе отворено вели дека е дел од „бугарскиот културотворен народ“. Но не само што вели дека е Бугарин, туку тој отворено работи и на великобугарските интереси во Северна Македонија. Главна мисија, од една страна му е србофобството, а од друга страна индоктринација на масите дека денешните Македонци се Бугари и дека историските фалсификати треба да се исправат. Иако, самиот како црковно лице не сака ни да помисли да си го исправи фалсификатот на неговата расколничка МПЦ, кој му е од исклучиво значење за неговото спасение, поради што е и во раскол со целиот православен свет. Е тоа е врвна хипокризија.

Понатаму, Партениј е голем пријател и соработник на бугарскиот националист и бизнисмен Милен Врабевски, кој пак, преку неговата организација „Българска Памет“ посветено работи на реинтеграција на бугарската дијаспора – на сѐ што е бугарско, надвор од Бугарија, вклучувајќи ја и Македонија. Токму Врабевски, преку Партениј и митрополитот Наум, најде плодна почва за великобугарската пропаганда во Северна Македонија.

Тој, преку донации ги „задолжи“ македонските духовници, кои овие не можат никогаш да му ги вратат, освен да одработат за неговите потреби. Споменативе, заедно го лансираа и проектот (и сѐ уште работат на него), Бугарската црква да ѝ стане мајка-црква на МПЦ, со што, како што велеше Партениј, ќе се исправи историската неправда, зошто тоа било така од секогаш. Овој бугарски националист Врабевски, е познат и по тоа што пред две години издејствува (и за тоа прославуваше) преку албанските политичари, македонското малцинство од Преспа, Голо брдо и Гора да се преименува во бугарско малцинство.

Но расколникот Партениј, не застанува само во блиските односи со бугарските бизнисмени. Тој, во обид да ја докаже припадноста на „бугарскиот културотворен род“, во манастирот нуди често престојувалиште и на разно-разни гости од Бугарија, бугарски монаси, игумени, епископи, дури и бугарскиот претседател Радев беше кај него, при што, во секоја прилика пред нив, во црквата, целото братство до егзалтација го пее познатиот бугарскиот марш „Изгрей зора на свободата“, напишан по нарачка на Тодор Александров.

И што уште треба да се спомене, освен дека денес Северна Македонија е секуларна држава, во која има Уставна одвоеност помеѓу црквата и државата, и тоа дека е противдржавнички чин расфрлањето со државни средства за луѓе со великобугарски идеи. Уште пак во манастир кој е во раскол со целиот православен свет и кој претставува срам за предците кои со генерации живееле таму и секогаш биле во канонската Соборна Црква, наспроти денешните расколници. Исто како што е неодговорно споменатиот лаже-игумен „да се моли за оние што го предводат народот, за добробит на државата и народот“, зошто молитвите од расколникот се проклетство. А тоа секојдневно го гледаме на дело. Северна Македонија е надвор од евроинтеграциите и ништо не и оди од рака. Ниту владее правото, ниту екомонијата цвета, граѓаните се иселуваат, односно земаат бугарски пасоши, а меѓучовечките односи се целосно нарушени.

Текстов е напишан со цел да се согледа проблемот и да се поправи а не да се слави и легализира лагата.

(во врска со):