До вчера беа тешки бугараши егзархисти, ете ги денес, со сменето влакно но не и карактер, се прават потешки фанариоти од цариградскиот Патријарх, а веќе утре, нема да биде чудно да ги видиме во улога на поголеми римокатолици од папата.

Врхушката на МПЦ се луѓе со илјада лица и верност од типот “дувна ветре развигорче”. Секому се спремни да му се улизуваат, само да им повладува на нивната сектантска девиза – автокефалија да, црква не.

Затоа и не можат да сфатат дека не е ексклузивно право на Цариград да дава автокефалија бидејќи во првите векови ја давале вселенските собори, а логично е така да биде и во сегашноста кога веќе не постојат отоманската империја и агресивниот комунизам.

Цариград сега веројатно сака да им укаже на Русите дека згрешија што не дојдоа на соборот на Крит за да разговараат за сите отворени теми, за Русите да сфатат што значи отфрлувањето на дијалогот внатре во Соборноста. Затоа Митрополитот Елпидофорос нагласува дека Цариград сепак се консултира со сите останати помесни цркви.

Кој е паметен ќе сфати, кој не е кадарен да сфати не сме во можност да му помогнеме. Но едно е јасно – расколниците од МПЦ и украинските расколници никогаш нема да добијат автокефалија како расколници па макар дубеле и на трепавици и мантрале – автокефалија да, црква не.