Иако ја има сета поддршка од медиумите, од јавноста, од поличките партии, МПЦ постојано молчи. Толку настани вредни за анализа се случија, се случи СЈО, а МПЦ никаде ја нема.
Наместо Стефан и епископите на МПЦ да сведочат за целосниот пад на вредностите во општеството, особено меѓу политичарите и носителите на јавни функции, дојде ред Али Ахмети да им ги учи верниците што е морал.
„Алчноста го уништува човекот“ – вели Ахмети. И точно. Но, за оваа страст кон среброљубието, кон поседувањето што повеќе, МПЦ требаше да развие дебата. Таа е повикана да го толкува човечкото поведение, а ги има и сите предуслови за тоа. Затоа поразува нивото на кое егзистира МПЦ, која воопшто не се занимава со егзистенцијални теми, исто како што не се занимава ниту со расколот.

Зошто го истакнуваме ова? Затоа што проектот „СЈО“ е прототип за сè во државата.

Целото општество, секој правдољубив човек, дури и меѓународната заедница, вложија толку надежи дека конечно, макар и малку ќе се почувствува правдата и кај нас. Дека конечно некој ќе се справи со злоделата на криминалниот картел ВМРО-ДПМНЕ.

Кога, поради корозија на моралот на личноста која требаше да ја истурка правдата на виделина, целиот повеќегодишен труд падна во вода. Таа личност, Катица Јанева, урнисувајќи ја правдата, ги закопа сите надежи дека ќе има некакви промени. Ослепена од желбата за лесно богатење, заборави зошто е поставена на функцијата. Заборави дури против кои луѓе води битка и кој го “измисли” прислушувањето во Македонија.

Сега, како и секогаш претходно, ќе се случат нови одложувања на започнатите постапки, ќе следи повторување на делови од нив, ќе тече времето, ќе настапи и можност за нивно застарување, за на крајот, картелот, повторно да дојде на власт и сè да забошоти со тривијални пресуди. Исто, како што и оваа власт сака да забошоти со тривијално обвинение против самата Јанева, за добивање „седечка гарнитура“. Иако целата јавност при здрав памет слушна за „договор“ вреден 8 милиони евра.

За „алчноста“ на обвинителката, проговори и фрустрираниот професор по право Апасиев, кој кажа: „така ви е кога примате кадар од Правниот факултет со просек 6.00“.
Но, и тој заборава дека на факултет, не се учи како човекот да стане подобар. Култивирањето на личноста започнува уште во најраната возраст; го врши семејството, но преку целиот живот – Црквата. А што направи МПЦ? Поради пасивноста на секое поле, дозволи криминалот, злото, неправдата, алчноста, покрај во нејзините редови, да навлезат во сите пори на општеството, да станат втора природа на луѓето – „сите се застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема дури ниеден“ (Псал. 13.3). Бидејќи и Катица Јанева е МПЦ. И Орце Камчев е МПЦ. И Никола Груевски е МПЦ. И Сашо Мијалков е МПЦ. И Зоран Заев е МПЦ. А сите го гледаме нивното поведение.

Зошто го пишуваме ова? Затоа што, тоа е проклетството на расколот; ниту правдата, ниту било што добро да не фати корен. Ниту една работа која ја сметаме за добра да не успее да се заврши до крај.
Поради расколот еден ден и државата ќе се загуби, зошто онаа која на мнозинството му се претставува како учителка за животот – МПЦ, останува за сè слепа и како крт закопана со главата во земја, та ниту ја гледа убавината на небото со ѕвезди, ниту ќе дочека да Го види Сонцето на Правдата.