За жал, вообразена и полна со гнев е реакцијата на игуменот Партениј во однос на писмото на српскиот патријарх Иринеј до цариградскиот Вартоломеј.

Ова непромислено и сентиментално обраќање на еден за Православието непостоечки игумен каков што е Партениј упатено до Патријарх на помесна православна црква, го открива дното до кое се доаѓа со неединството во кое упорно пребива МПЦ и штетата што неединството им ја причинува на МПЦ-овските водачи на отстапништвото од црковната соборност, и не само на нив туку и на нивните следбеници.

Во неговото обраќање, игуменот Партениј грубо манипулира, барајќи примена на некаков канонски принцип „црковните граници да се совпаѓаат со политичките“. Тоа етнофилетистичко зло никогаш не било, ниту ќе биде (зашто ако би било според расколничката логика на игуменот Партениј, тогаш Јерусалимската Патријаршија веднаш би требала да се распадне на три автокефални цркви, или Александриската на толку, колку што има држави континентот Африка). Но игуменот Партениј всушност врши подметнување на тези споредувајќи ги суверената средновековната српска држава и Кралството СХС, со денешната Р. Македонија. Тој свесно избегнува да употреби Социјалистичка Република Македонија кога веќе го бара тој принцип. Зошто на сите им е јасно дека расколот на МПЦ настана во Социјалистичка Република Македонија. А Социјалистичка Македонија имаше ограничен суверенитет во рамки на веќе постоечката суверена држава СФРЈ, во која имаше и веќе постоечка автокефална црква – СПЦ. И зар може во една држава да има два поглавара и да има седиште на две автокефални цркви?
Затоа, ова празно повторување и инсистирање на некакви православни канони, без да се направи дистинкција меѓу состојбите во некогашната Социјалистичка Македонија и денешната Република Македонија претставува манипулација на Партениј.

Инаку, никогаш и никој не рекол дека во денешната Република Македонија не може да има автокефална црква. Но МПЦ сега е во раскол и друг е начинот за неа за да стекне автокефалност.

Исто така со неверување гледаме на гневот на игуменот Партениј, насочен кон СПЦ и кон личноста на Патријархот Иринеј и леснотијата со која ги клевети за сè и сешто, но и за „националистички радикализам“, иако самиот Партениј е личност која пребива во раскол, за кој на цел православен свет му е познато дека е исклучиво етнофилетистички, кој е мотивиран не од чисто црковни, туку од националшовинистички причини. Тоа е апсурдот во кој се нашол игуменот Партениј, а кој не го гледа поради мракот на антисоборноста во која пребива.

Загрижува и фактот што игуменот Партениј толку лесно ги менува своите уверувања. Досегашниот најгласен бугарски „егзархист“, сега одеднаш стана „фанариот“, само за да се дограби до легализација на неединството во кое пребива.

Тој очигледно и на односите помеѓу луѓето гледа исклучиво од тоталитаристички аспект, па заради неговата МПЦ бара „наложување единство“ од страна на Вселенскиот патријарх кон сите останати православни цркви. Уште да кажеше: „само на МПЦ да ѝ се удоволи, па макар сè заедно да оди по ѓаволите”.

Тоа сведочи дека игуменот Партениј не разбира дека во Црквата не постои тоталитаризам, туку сè се базира на љубов и взаемен дијалог. Токму онаков дијалог каков што МПЦ одбегнува да води. За таков дијалог говореше Рускиот Патријарх при посетата на Цариград, на 31 август. Дијалог кој не е како во политиката или во сфаќањето на МПЦ, каде секоја страна ги брани своите интереси, туку дијалог кој е духовен и внатре во едното тело кое е Соборната Црква, во кој двете страни не ги гледаат веќе своите, туку интересите на Едната Црква и чувањето на нејзиното единство.

Согласно на православното учење, немаме ништо против игуменот Партениј како човек, но заради Вистината мораме да укажеме на неговото погрешно учење. Затоа оваа анализа е направена со надеж дека МПЦ ќе го согледа ќорсокакот во кој се наоѓа и преку покајание ќе се врати во спасителното единство.

Повод: