ЗА СЕКОЈ ЧЛЕН НА МПЦ, ОБВРСКА ЗА ЧИТАЊЕ!

Во прилог на македонски јазик се наоѓа капиталното дело „За единството на Црквата“ на Св. свешт-мч. Кипријан Картагински. Напишано е во 251 година, по повод расколот на Новацијан (Римски свештеник, кој на неканонски начин се самопрогласил за папа и така влегол во раскол со римската Црква).

Овој теолошки трактат, пишуван е на вистински светоотечки јазик, сериозен, кој на моменти користи остар тон, но и љубовен поради болката која настанува со расколот. Истовремено е и толку современ на денешниве дни и дава одговори на многу прашања и на денешните расколници. Затоа ова дело, беше и остана образец во борбата со расколите кои траат во Црквата уште од најстари времиња, па до ден денешен, вклучувајќи го и расколот на МПЦ.

Исто така треба да се напомене, дека ова дело на Свети Кипријан е напишано многу порано пред Вториот Вселенски Собор (каде Символот на Верата во однос на учењето за Црквата, го доби својот конечен изглед), а толку јасно и чисто ја изложува верата на тоа време по прашањата на православната еклисиологија. Така, таа вера во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква е кодификувана дури во 381 година, што значи дека христијаните и претходно, т.е., отсекогаш и насекаде, следејќи го Светото Предание верувале во Соборната Црква. Пример за таа вера со својот живот посведочи и Светиот свешт-мч. Кипријан, бивајќи обезглавен поради Христа и Црквата Негова.

 


Свети Кипријан Картагински

ЗА ЕДИНСТВОTO НА ЦРКВАТА
(DE UNITATE ECCLESIAE)

1.

Кога Господ ни говори за наша поука: „Вие сте солта на земјата“ (Мт. 5, 13), кога Он ни заповеда во однос на незлобливоста, да бидеме и припрости, а со простотата да ја соединиме и мудроста (Мт. 10, 16), тогаш, зарем не ни приличи нам, возљубени браќа, да ги претчувствуваме замките на лукавиот непријател, со срдечна грижливост и внимателност, да ги распознаваме и одбегнуваме, па облекувајќи се во Христа (Гал. 3, 27) – кој е премудрост на Бога Оца (1Кoр. 1, 24), да не се покажеме неразумни во зачувувањето на нашето спасение. И така, должни сме да се плашиме, не само од гонењата, кои со отворени напади се засилуваат да ги поразат и уништат Божјите чеда; зашто полесно е да се чуваме од онаа опасност, која е очигледна, и духот навреме се подготвува за борба кога непријателот самиот се објавува; но, многу повеќе должни сме да се плашиме и чуваме од непријателот во оние случаи, кога тој тајно се поткрадува, кога соблазнувајќи со лик на мир, незабележително по тајни премини ползи, според што го добил и името „лазач“ или змија. Такво е неговото исконско лукавство! Такво е неговото скриено и лукаво лицемерство во соблазнувањето на луѓето! Така тој мамеше уште од почетокот на светот. Со лажни зборови, ласкаше на невнимателните и лесноверни, прости души. Тој, исто така, се обидел да го искушува и Самиот Господ, па заради тоа пристапил тајно, како би успеал повторно со лукавство да се наметне и измами, но Господ го проѕрел и отфрлил. Бил поразен, зошто Христос го препознал и разоткрил. Со тоа ни е даден пример – да го избегнуваме патот на „стариот човек“ (Рим. 6, 6) и да одиме по стапките на Христа Животодавецот, за да не паднеме повторно поради невнимателност во смртните мрежи, туку, со претчувство кон опасноста да достигнеме бесмртност. Но, бесмртност не можеме да постигнеме, ако не ги запазуваме Христовите заповеди со кои се поразува и победува смртта. Господ не опоменува и вели: „Ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите“ (Мт. 19, 17), и повторно: „Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас“ (Јн. 15, 14). Он таквите ги нарекува мажествени и постојани, втемелени на цврст камен, заградени со непоколеблива и неразорлива ограда против сите бури и светски бранувања. „Секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен“ – вели Христос (Мт. 7,24-25). И така, ние сме должни да ги чуваме Неговите зборови; должни сме да се поучуваме и да го правиме она, кое Он нè поучуваше и го правеше. Па, како може да се нарече верен во Христа оној, кој не го исполнува она, кое ни е заповедано од Христа? Или како ќе ги стекне наградите од верата оној, кој не сака да ја сочува верата во заповедите? Таквиот ќе почне да се колеба, да се ниша, и повлечен од духот на заблудата, ќе биде разнесуван како прашина, дуван од ветрот, па не држејќи се до вистината на спасителениот пат, нема да достигне до спасението.

2.

Потребно е да бидеме внимателни возљубени браќа, не само од јавната и очигледна измама, туку и од онаа која е прикриена со проѕирно лукавство и итрина. Непријателот е обезоружен и отфрлен со Христовото доаѓање,  преку Кој дојде светлина за јазичниците и засвети спасителната светлина за блаженство на луѓето, така што појасно почнаа да ја слушаат духовната благодат. Слепите ги отворија своите очи кон Бога, немоќните стекнаа вечно исцеление, хромите брзо влегоа во црквата, немите почнаа гласно да ги произнесуваат своите молитви; па бидејќи непријателот ги видел идолите и нивните живеалишта напуштени и опустошени зошто многумина поверуваа во Бога, смисли нова измама, за преку самото име на христијаните да ги соблазнува невнимателните. Непријателот ги избра расколите и ересите за да ја понижи верата, да ја искривоколчи вистината, да го раскине единството. Оние, кои не може да ги задржи да одат по стариот пат, тогаш ги води во заблуди и ги соблазнува и измамува на друг начин. Ги занесува луѓето од Црквата и кога тие веќе се приближуваат кон светлината, избавувајќи се од темнината на овој век, повторно раширува над нив нова темнина, непозната за нив, така што тие, не придржувајќи се до Евангелието и не пазејќи на законот, иако се нарекуваат христијани и понатаму талкаат во темнина, велејќи дека одат во светлина. Тоа се лажни стапици на сатаната, кој, според зборовите на апостолот „се преобразува во ангел на светлината“ (2 Кoр. 11,14-15), и на своите слуги им вдахнува дека се слуги на правдата, иако тие ја спознаваат ноќта наместо денот, погибелта наместо спасението, го кријат очајанието под покрив на надежта, неверието под превезот на верата, антихристот под името Христово; и криејќи ја лагата под име на праведност, со проѕирно лукавство ја уништуваат вистината.

3.

А сето ова, возљубени браќа, се случува заради тоа што не се обраќаат кон почетокот на вистината, не ја бараат главата, ниту го запазуваат учењето на небесниот Учител. Тука нема потреба од опширни расудувања и докажувања: потребно е само да се проникне во делото и да се проучува, па тогаш лесно ќе се увериме во тоа, со кусо изложување на вистината. Господ на Петар му вели: „ А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата” (Мт. 16, 18-19). И повторно по Своето воскресение Он му вели: „паси ги овците мои“ (Јн. 21, 16).

На таков начин, Он ја гради Својата Црква, на еден (темел). Иако по Своето воскресение Он на апостолите им дава под еднаква власт, велејќи им:„Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам… Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат” (Јн. 20, 21-23), сепак, за да го покаже единството на Црквата, Нему му било угодно преку еден, да го искаже тоа единство. Секако, и останатите апостоли биле она што бил и апостолот Петар и имале исто достоинство и власт со него, но користа започнува со единството, се потенцира еден заради зачувување на едната Црква. Таа една Црква, ни ја покажува и Светиот Дух во Песна на песните, говорејќи од Господовата уста:„единствена е таа, гулабицата моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја“ (Песна 6, 9).

4.

Можно ли е да му се зборува на оној, кој не се придржува на тоа единство, дека ја чува верата? Можно ли е да се надеваме на оној, кој се противи и инаети на Црквата, дека таквиот се наоѓа во Црквата, кога блажениот апостол Павле, размислувајќи на таа тема и покажувајќи ја тајната на единството, говори: „Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден е Господ, една е верата, едно е крштевањето, еден е Бог и Отец на сите.“ (Еф. 4, 4-6). Токму тоа единство треба силно да го поддржуваме и штитиме, а особено епископите кои претседаваат во Црквите, за да покажат дека и самото епископство е едно и неразделно. Никој нека не ги соблазнува браќата со лаги! Никој нека не ги поткопува вистините на верата со вероломни измени! Епископството е едно и секој од епископите целосно учествува во него. Така и Црквата е една, иако со прираст на верните и со ширење, таа се дели на множества. Ете, и во сонцето има многу зраци, но светлината е една; има многу гранки на дрвото, но стеблото е едно и цврсто се држи на коренот; многу потоци истекуваат од еден извор и истекот кој настанува од изобилство на вода претставува многубројност, но сепак, во самиот извор сочувано е единството. Отцепи ги сончевите зраци од нивниот почеток – единството, тогаш нема да постои ни светлината; скрши ја гранката од дрвото, таа ќе ја загуби способноста да расте; одвој го потокот од неговиот извор и тој ќе пресуши. Исто така е и со Црквата која е озарена од Господовата светлина и по целиот свет ги раширува своите зраци, ја разлева светлината насекаде, но единството на телото останува неразделено. По целата земја таа ги шири своите гранки, кои се исполнети со плодови; и изобилни потоци течат на далечни страни, сепак, при сето тоа главата останува една, еден е и почетокот, една е мајката која е пребогата со плодотворби.

5.

Од неа ние се раѓаме, се храниме од нејзиното млеко, преку Духот нејзин живееме. Христова невеста, не може да биде изобличена: таа е чиста и нераспадлива, знае за еден дом и целомудрено ја чува светоста на единствената постела. Таа нè чува нас заради Бога, ги подготвува за царството родените од Неа. Секој, кој се одделува од Црквата, се присоединува кон жена блудница и постанува туѓ за ветувањето на Црквата. Оној, кој ја остава Христовата Црква, се лишува од наградите приготвени од Христа. Таквиот за неа е туѓ, непотребен и е непријател нејзин. Не може да го има Бога за Отец, оној кој ја нема Црквата за мајка. Секој, кој се наоѓа надвор од Црквата, може да се спаси онолку, колку што можеле да се спасат оние кои биле надвор од Ноевата арка. Господ вака говори за наша поука: „Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура“ (Мт. 12, 30).

Разурнувачот на Христовиот мир и слога, секогаш делува против Христа. Оние кои се собираат на друго место, а не во (едната) Црква, ја растураат Христовата Црква. Господ говори: „Јас и Отецот едно сме“ (Јн. 10,30). И уште е напишано за Отецот, Синот и Светиот Дух: „И Тројца се едно“ (1 Јн. 5,7). Тогаш, зарем, може некој да рече дека тоа единство кое е засновано на божествената неизменливост, може да биде нарушено во Црквата и раздробено од богоборните желби? Не, зошто оној, кој не го чува таквото единство, тој не го запазува ниту Божјиот закон, не ја запазува ниту верата во Отецот и Синот и не се придржува до вистинскиот пат на спасението.

6.

Тајната на единството, тој нераскинлив вез на слога, кој е неподелив и тесно врзан, се нагласува во евангелското предание за хитонот на Господа Исуса Христа. Хитонот не бил раскинат и разделен, но му припаднал целосно на еден, кој го добил со ждреб, за да го поседува неоштетен и неразделен.

Божественото писмо за тоа го говори следново: „Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу. Тогаш си рекоа: Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждреб“ (Јн. 19,23-24). Христос носел единство „одозгора“ кое произлегува од небото, од Отецот, затоа, оној кој го прима, и го има тоа единство, не може да го раскинува. Тоа (единство), целосно и засекогаш ја задржува својата силна и неразделива цврстина. Затоа, никој, кој ја разделува Христовата Црква, не може да ја поседува Христовата одежда. Кога царот Соломон умре, се раздели неговото царство и народ. Тогаш пророкот Ахиј, среќавајќи се во полето со царот Јеровоам, ја раскинал облеката своја на дванаесет делови и рекол: „Земи си десет делови, зашто така вели Господ, Бог Израилев: Ете го истргнувам царството од раката на Соломона и десет племиња ти давам тебе, а две племиња ќе му останат нему заради Мојот слуга Давида и заради градот Ерусалим.. што го избрав, за да остане засекогаш таму името Мое“ (3 Цар. 11, 31-36). И така, кога дванаесетте Израилеви колена биле должни да се разделат, тогаш пророкот Ахиј ја раскинал својата облека. Но Христовиот народ не е должен да се разделува, затоа и хитонот Христов, поврзано исткаен насекаде, не бил раскинат од оние кој го имале. Тоа што облеката останала неподелена, соединета и споена, нè потсетува на нераскинливото единство меѓу нас, кои „во Христа се облековме“ (Гал. 3,27).

На таков начин, со таинствен знак на својата облека, Господ го претскажал единството на Црквата.

7.

Кој е толку нечестив и неверен, кој е толку многу заразен со страст на расколи, та мисли дека е возможно, или пак се обидува да го раскине Божјото единство, облеката Господова – Христовата Црква? Самиот Господ во Своето Евангелие ни напомнува и нè поучува, говорејќи: „и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јн.10,16). Како тогаш некој мисли дека на едно место можат да бидат многу пастири или многу стада? Апостол Павле, упатувајќи нè кон самото единство, нè замолува и нè советува, говорејќи: „Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла“ (1 Кoр. 1,10). И на друго место тој говори: „поднесувајќи се еден друг со љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот“ (Еф 4,2-3). А ти велиш дека можно е да се живее и пребива оддалечен од Црквата, градејќи за себе други различни живеалишта? Но, на Раав, која е праслика на Црквата ѝ било речено: „прибери ги во куќата кај себе таткото твој, мајката твоја и браќата твои и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен“ (ИНав. 2,18-19). И наредбите во законот произлезен од книгата Излез, во однос на тајната Пасха, заповедале јагнето, кое е праслика на Христа, да се јаде во еден дом. Бог вака говори: „Во една куќа треба да јадете;…не изнесувајте надвор од куќата“ (2.Мој. 12,46). Христовото Тело – Господовата светиња не може да биде изнесувана надвор од домот, а за верните и не постои друг дом, освен единствената Црква. Тој дом, тоа живеалиште на едномислие, Светиот Дух го потенцира во псалмите, говорејќи: „Бог им вселува едномислие во домовите“ (Пс. 67,7). И така, едномислието, согласноста и простосрдечноста живеат и пребиваат во Божјиот дом, во Христовата Црква.

8.

Заради тоа Светиот Дух се јавил во вид на гулаб. Тоа кротко и радосно животно, без горчлива злоба, кое не загризува силно, ниту свирепо раскинува со своите канџи, ги љуби човечките живеалишта и го познава само своето гнездо. Во периодот кога имаат малечки, тие заедно ги изведуваат, кога летаат, летаат во јато. Животот го поминуваат во заедница. Во сè го запазуваат законот на едномиеслието. Со целив сведочат за својата согласност и мир.

Затоа и во Црквата потребно е да се има така простосрдечност, потребно е да се достигне таква љубов; братољубието потребно е да се огледа на гулабите, а во кротоста и тишината да се споредиме со јагнињата и овците. Што може да се создаде во срцето на христијанинот од волчјото ѕверство, од кучешкиот бес, од смртоносното змиско каснување и воопшто, крвожедниот ѕверски гнев? Затоа, потребно е да се радуваме кога таквите луѓе се одвојуваат од Црквата, зошто тогаш нема да можат со својата свирепа и отровна зараза да ги погубуваат Христовите гулаби и овци. Не можат да се мешаат и да бидат соединети горчливото со слаткото, темнината со светлината, сушата со дождовите, војната со мирот, бесплодноста со плодноста, безводните реки со изобилните извори, бурата со тишината.

9.

Никој нека не зборува дека добрите луѓе можат да се отцепат од Црквата. Ветрот не ја развејува пченицата и бурата не ги корне дрвјата кои имаат цврст корен. Само пустиот плевел е разнесуван од ветрот; само слабите дрвја паѓаат од разбеснетата бура. Апостол Јован нив ги предава на проклетство и ги напаѓа, говорејќи: „Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас“ (1 Јн. 2,19). Ересите најчесто настанувале и настануваат од тоа што тврдоглавиот ум во себе нема мир и сеејќи раздор на вероломство, не се придржува до единството. Господ, почитувајќи ја нашата слободна волја, допушта искушенија во нашите срца и мисли во натпревар со вистината, за, во светот да се јави чистата вера на достојните. За тоа предвестува Светиот Дух преку апостолот, говорејќи: „а потребно е меѓу вас да има и раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас“ (1 Кoр. 11,19). Така се испитуваат верниците, а се разоткриваат неверниците; така уште пред судниот ден, се одделуваат душите на праведните од неправедните и каколот се одделува од пченицата.

Се одделуваат оние, кои без Божја заповед, самоволно постануваат началници над безумната толпа, без законско посветување се прогласуваат самите за водачи, кои го присвојуваат за себе името епископи и тогаш кога никој не им дава епископство. Светиот Дух во псалмите нив ги нарекува „друштво на разбојници“ (Пс. 1,1), гнојни рани и зарази за верата; луѓе кои заведуваат со посредство на змиски усти, кои се искусни во превртување на вистината; имаат погубителен јазик кој блуе смртоносен отров; луѓе, кои словото го рашируваат како рак (2 Тим. 2,17), и нивната беседа всадува смртна зараза на секој, кој ги слуша. Против нив повикува Господ, од нив го воздржува и отстранува својот народ, за да не биде заблуден, говорејќи: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, а не она што доаѓа од устата Господова. Тие постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: „Господ рече, мир ќе имате.” И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: „зло нема да ве снајде.” Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа. Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе ги објавеа на Мојот народ зборовите Мои и ќе ги отклонеа од нивниот лош пат и од нивните лоши дела“ (Јер. 23, 16-17.21-22). Нив ги опишува и нагласува Господ, говорејќи: „Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода“ (Јер. 2,13). Знаеме дека освен едното, не може да има друго крштение, па сепак, тие велат дека можат да крштеваат. Оставајќи го изворот на животот, тие ветуваат благодат преку животворна и спасителна вода. А таму не се очистуваат луѓето, туку уште повеќе се осквернуваат; гревовите не се опростуваат, туку се удвојуваат.

Таквото раѓање не произведува Божји деца, туку ѓаволски. Родените од лага, не можат да се удостојат за ветувањата на вистината. Родените од вероломство, ја губат благодатта на верата. Оние кои го нарушуваат Господовиот мир со разбеснети раздори, не можат да ги достигнат наградите на мирот.

10.

Никој нека не се залажува со зборовите искажани од Господа: „каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Мт.18,20). Оние кои го изопачуваат Евангелието и лажните толкувачи, ги цитираат овие зборови, но претходните тие намерно ги пропуштаат; напомнувајќи за едниот дел, за другиот лукаво молчат. И како што самите се отцепиле од Црквата, така ја отцепуваат и целината на ова цитирано место. Господ, советувајќи ги Своите ученици да го чуваат едномислието и мирот меѓу себе, им говори: „Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен; зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив” (Мт. 18,19-20). Со ова се докажува дека мноштвото не се состои во многубројноста, туку во едномислието на оние кои се молат. „Ако двајца од вас се согласат на земјата“, говори Он. На таков начин Господ најпрво им заповедал да бидат во еднодушност, укажал на согласноста и ги научил верно и одлучно да бидат согласни меѓу себе. Како можеме да се согласиме со било кој, ако тој не е во согласност со самото тело на Црквата и со своите браќа? Како може да се собираат во Христово име двајца или тројца, за кои е познато дека тие се одделиле од Христа и од Неговото Евангелие? Па ние не сме заминале од нив, туку тие од нас. А потоа, преку нивните организирани собранија од кои произлегуваат ереси и расколи, тие ја напуштаат главата и темелот на вистината. А Господ говори за Својата Црква, им говори на оние кои се наоѓаат во Црквата, дека ако тие бидат согласни, сообразно на Неговите заповеди и поуки, па ако се соберат двајца или тројца и ако еднодушно се помолат, тогаш без оглед на тоа што се двајца или тројца, тие можат да го добијат од Бога она кое го просат. „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“, односно меѓу простодушните и мирољубивите, кои имаат страв Божји и ги пазат Неговите заповеди. Меѓу такви Он вети дека ќе биде, подобно на тоа како Он бил меѓу трите момчиња во огнената печка и среде пламенот кој ги опкружувал, Он го охрабрил нивниот дух со небесна роса, зошто тие биле верни на Бога и еднодушни меѓу себе (Дан. 3, 50); подобно на тоа како Он се наоѓал со двајцата апостоли, заклучени во затворот, па бидејќи тие биле смирени и еднодушни, им ги отворил затворските врати и ги извел оттаму, за да им ги предаваат на народот оние зборови, кои верно ги проповедале (Дела. 5,19). И така, кога Господ во Своите заповеди мисли и говори: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“, Он, Кој ја создал и втемелил Црквата, со овие зборови не ги одделува луѓето од Црквата, туку ги изобличува паднатите од верата и ги советува верните кон мир, покажувајќи со Своите зборови дека Он со задоволство е меѓу двајца или тројца кои еднодушно се молат, отколку со многумина кои се разномислени; како и тоа дека многу повеќе може да биде испросено од Господа она, кое го бараат малкумина, но еднодушно, отколку многумина, но без согласност. Затоа, пропишувајќи го законот на молитвата, Он додал: „кога стоите на молитва, проштевајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови“ (Мар. 11, 25). Не му се дозволува да пристапи кон жртвопринесување на оној, кој е во кавга со некого, сè додека не се измири со својот брат, па тогаш, откако ќе се врати со мир, може да принесе дар на Бога (Мат. 5, 23-24). Бог не погледнал на жртвата на Каин, зошто не може да ја привлече Божјата милост врз себе оној, кој заради завист и кавга, нема мир со својот брат.

11.

Каков мир ветуваат за себе непријателите на браќата? Каква жртва велат дека ќе принесат, кога им завидуваат на свештениците? Зарем е можно да тврдат дека Христос е со нив, кога се собираат надвор од Христовата Црква? Таквите дури и смрт да претрпат заради исповедање на Христовото име, нивната дамка ниту со крвта нема да може да се измие. Неизбришливата и тешка вина на расколот, не се очистува ниту со страдањата. Не можат да бидат маченици оние кои се наоѓаат надвор од Црквата, ниту можат да дојдат до Царството, оние кои ја оставаат Црквата, на која ѝ е дадена власт да царува. Христос, нам ни дарил мир и ни заповедал да бидеме согласни и еднодушни, ни заповедал неразрушливо и цврсто да го чуваме сојузот на поврзаноста и љубовта, па кој не ја сочувал братската љубов, тој не може да биде маченик.

Така учи и тоа го потврдува и апостолот Павле, говорејќи:„ Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува…“ (1 Кoр. 13,2-5,7-8). Љубовта, значи, никогаш не престанува: таа засекогаш останува во Царството Небесно и вечно ќе биде таму, за да продолжи во единство братската врска. Расколот не може да се удостои со Царството Небесно и наградите од Христа, Кој рекол: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јн. 15,12). Не може да го достигне (Царството) оној кој ја нарушува љубовта Христова со вероломниот раскол. Зошто, кој нема љубов, ни Бога го нема. Блажениот апостол говори: „Бог е љубов, и оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него“ (1 Јн. 4,16). И така, не можат да пребиваат во Бога оние кои не сакаат да бидат еднодушни во Црквата Божја. Тие, дури да бидат и предадени и да изгорат во оган и пламен, или пак, да го испуштат својот дух фрлени како храна за ѕверовите, сепак, сето тоа не може за нив да биде венец на верата, туку ќе биде казна за вероломството; нема да биде славен крај за благочестивиот подвиг, туку излез од очајанието. Таквиот, може да биде и погубен, но овенчан, не може да биде. Таквиот себеси лажно се нарекува христијанин, како што и ѓаволот често пати лажно се нарекува дека е Христос, според зборовите на Самиот Господ: „Мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина“ (Мк. 13,6). Како што ѓаволот не е Христос, иако се прикрива зад Неговото име, така и христијанин не може да биде оној, кој не пребива во вистината на Неговото Евангелие и Неговата вера. И на крај, дури и да прави дела достојни за восхитување – да пророкува, бесови да изгонува и да прави големи чуда на земјата, сепак, нема да го достигне Царството Небесно, ако неговите нозе не одат по вистинскиот пат.

Господ, известувајќи нè за тоа, говори: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“ (Мт. 7,22-23). Потребна е праведност, за да бидеме удостоени со награда од Бога како судија; потребно е да се покоруваме на неговите заповеди и поуки, за да бидат наградени нашите заслуги. Господ, потенцирајќи го во Евангелието накусо патот на нашата вера и надежта, говори: „Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!

Тоа е првата заповед. А втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците“ (Мк. 12,29-30; Мат. 22, 37-40). Во ова Свое учење Он ни го предал единството заедно со љубовта; во две заповеди ги заклучил законот и сите пророци. Какво единство запазува, каква љубов чува, или за каква љубов помислува оној, кој, предавајќи се на нагонот за раскол, ја расцепува Црквата, ја разурнува верата, го возматува мирот, ја искоренува љубовта и ја осквернува тајната?

12.

Уште одамна, возљубени браќа, тоа зло е започнато, но опустошувачкото дејство на тоа погубително зло денес е во пораст, и отровната погубност на еретичките разврати и расколи сè повеќе и повеќе се проширува и раширува. Впрочем, Светиот Дух преку апостолите претскажал што мора да се случи при крајот на векот: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се! Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени, што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. Па, како што му се противеа на Мојсеја, Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе се открие пред сите, како и на оние двајца“ (2 Тим. 3,1-9). Претскажаното се исполнува, и со приближувањето на крајот на векот веќе се јавуваат такви луѓе и настануваат такви времиња. При зголемувањето на непријателската свирепост, заблудите почнуваат да соблазнуваат, безредија избувнуваат, зависта се распламтува, похотта заслепува, нечесноста развратува, гордоста се издига, несогласноста ожесточува, гневот погубува. Но, не смее да нè поколебува и возмутува крајното и неочекувано вероломство на многумина; подобро претскажаната вистина нека ја зацврстува нашата вера. Како што некои станаа онакви, за какви е и претскажано, така останатите браќа нека се чуваат од нив, зошто и за нив е претскажано во Господовите поуки: „Но вие чувајте се: ете, сè однапред ви кажав!“ (Мк. 13,23). Ве молам браќа, бегајте од таквите луѓе, и како од смртна зараза, оддалечувајте ги од себе и од вашите уши нивните погубителни разговори, според кажаното во Писмото: „Со трње загради го имотот твој, добро заклучи го златото и среброто… на оние што демнат – плен да не им бидеш; зошто лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“ (Сир. 28, 27-28; 30); (1 Кoр. 15,33). Наша должност е да се одвраќаме и да бегаме од секој, кој се одделил од Црквата: „Знаејќи дека таквиот човек се изопачил, греши и дека се осудил самиот себе си“ (Тит. 3,11). Зарем е можно некој да се претставува себеси дека е со Христа, ако работи против Христовите свештеници и ако се отцепува себеси од општење со Неговиот клир и народ? Па, вооружувајќи се против Црквата, тој се спротивставува на Божествениот домострој, тој е непријател на олтарот, бунтовник против Христовата жртва, изменувач во однос на верата, светотатник во однос на благочестивоста, непокорен слуга, син на беззаконието, злонамерен брат, кој ги презрел епископите и ги оставил Божјите свештеници; кој се осмелува да изѕида друг олтар, составува други молитви од забранети зборови, со лажни жртвопринесувања ја осквернува вистинската жртва Господова, па дури и не сака да знае дека секој, кој дејствува спротивно на Божјиот поредок, ќе биде казнет според божествената промисла.

13.

Така, Кореј, Датан и Авирон, кои се кренаа против Мојсеја и Арона и се обидоа да го присвојат правото на жртвопринесување, во истиот момент беа подложени на казна заради својот обид: земјата, раскинувајќи ги своите врски, отворила длабока бездна и отворајќи ја устата своја ги голтнала нив и домовите нивни и сите луѓе заедно со Кореј и добитокот нивни; и не биле само предизвикувачите поразени од Божјиот гнев, туку огнот кој излегол од Господа не се задржал да не ги испепели и оние двесте и педесет мажи, што принеле темјан и кои се соединиле со учесниците на тоа безумство (4. Мој. гл. 16), потсетувајќи ги и покажувајќи им на оние кои се обидувале со својата нечестива волја, да го разурнат Божествениот поредок, дека работат против Бога. Така и царот Осиј, кога ја зел во своите раце кадилницата и спротивно на Божјиот закон, си го присвоил за себе правото да жртвопринесува, не посакал да се покори и да отстапи место на свештеникот Азариј, кој му забранувал такво нешто, бил посрамен од Божјиот гнев и поразен со лепра на челото, бил обележан со навредлив знак на оној дел од телото, на кои добивале знак оние кои угодуваат на Господа (2. Лет. 26). Исто така и синовите Аронови, кои на олтарот положиле туѓ оган, за кој Господ не дозволил да се положува, веднаш биле изгорени пред лицето на Господа (3. Мој. гл.10). А нив ги поддржуваат и следат оние, кои ги презираат Божјите заповеди, се вовлекуваат во туѓи учења и воведуваат устави, измислени од луѓе. Господ, во Своето Евангелие, ги изобличува и укорува таквите луѓе, говорејќи: „Оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко“   (Мк.7, 9).

14.

Тој престап е многу полош од оној, кој го направиле паднатите (за време на гонењата), кои потоа се покајале за својот престап, молејќи го Бога со должно покајание. Значи (паднатите), тие ја бараат Црквата и ѝ се молат; а отцепените ѝ се противат на Црквата. Паднатите биле доведени до беззаконие заради примораност, додека расколниците заради слободната волја. Првите направиле штета само за себе; а вторите со тоа што предизвикале ерес или раскол, со измама повлекле многумина по нив. Таму штетата е за една душа, а ваму опасноста им се заканува на многумина. Паднатиот сфаќа дека згрешил, плаче за тоа и се кае; а расколникот е горд на својот грев и се насладува со самото беззаконие. Таквиот ги разделува синовите од мајките, ги присвојува овците од Пастирот, ги разурнува Божјите тајни. И ако паднатиот згрешил еднаш, расколникот греши секојдневно. На крајот, паднатиот, кој се удостоил со мачеништво, може да го стекне и ветеното царство. А расколникот дури и смрт да претрпи надвор од Црквата, не може да ги достигне наградите од Црквата.

15.

Никој нека не се чуди, возљубени браќа, дека некои дури и проучени исповедници можат да дојдат до тој степен, па толку нечестиво и тешко да грешат. Исповедништвото не ги ослободува од ѓаволските стапици и секој, кој живее во овој свет, не поседува постојана заштита од искушенијата, опасностите, нападите и ударите на векот. Впрочем, ние никогаш потоа не видовме кај исповедниците такви измами, безобразности и прељуби, какви кај некои луѓе гледаме сега, за што боледуваме и жалиме. Кој било и да е исповедник, сепак, тој не е ни поголем, ни подобар и не побогоугоден од Соломон. А Соломон сè додека одел по патот Господов, сè дотогаш изобилувал и со благодат, стекната од Бога; а потоа, кога го напуштил патот Господов, тогаш ја изгубил и благодатта од Господа, како што е напишано: „И Господ му воздигна на Соломона противник“ (3 Цар. 11,14). Понатаму во Писмото е речено: „Држи што имаш, за да не го земе некој венецот твој“ (Oткр. 3,11). Господ нема да дозволи од нас да биде одземен венецот на правдата, освен, ако напуштајќи ја правдата, го загубиме и венецот. Исповедништвото е само пристап кон славата, а не достигнување и на венецот; тоа не го завршува подвигот, а само претходи на достоинството. Во Писмото се говори: „Кој претрпи до крај ќе биде спасен“ (Мт. 10,22). Според тоа, сè што се случува пред крајот е само скалило, по кое се искачуваме на врвот од спасението, а не место, каде што е достигнат самиот врв. Тој е исповедник, но по исповеданието следува и поголема опасност, зошто тука многу повеќе е надразнет непријателот. Тој е исповедник, затоа е должен и многу повеќе цврсто да се држи до Господовото Евангелие, зошто преку Евангелието ја стекнал славата од Господа. Господ говори: „ Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него“ (Лк. 12,48). Никој нека не загинува преку примерот на исповедниците! Од постапките на исповедниците, никој нека не се поучува на неправда, гордост и вероломство!

Тој е исповедник, па затоа нека биде кроток и тивок; нека ги усогласува своите активности со благочестието, нека биде скромен и нарекувајќи се Христов исповедник, нека го подражава Христа, Кој и Го исповеда. Христос говори: „Кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Мт. 23,12), та и Самиот Он е превознесен од Отецот, за да се смири Себе Си на земјата, бидејќи е Слово, Сила и Премудрост на Бога Оца (Фил. 2,8-9). Како може да ја љуби гордоста Оној, Кој и нам во Својот закон ни заповедал да се смириме и Самиот примил од Отецот преславно име како награда за смирението? Исповедникот е Христов само во оној случај, доколку преку него не се хули на Христовото величие и достоинство. Јазикот, кој го исповеда Христа, не смее да биде злоречив и зајадлив; не смее да произнесува злословија и потсмевања; не смее по зборовите со пофалба да испушта змиски отров против браќата и Божјите свештеници. Ако пак, исповедникот подоцна постане порочен и нечесен; ако своето исповедание го обесчести со однесувањето и ако го оскверни својот живот со срамни дела; ако, на крајот, ја остави и Црквата во која постанал исповедник, па раскинувајќи го сојузот на единството, претходната вера ја замени со вероломство; тогаш, таквиот не може да се залажува самиот со некакво исповедништво и дека е избран за некаква славна награда; напротив, заради самото тоа, тој заслужува поголема казна. Господ и Јуда го избрал во бројот на апостолите, но Јуда потоа го предал Господа. Впрочем, како што верата и цврстината на апостолите не се поколебале од тоа што Јуда предавникот се одделил од нивната заедница, така и тука достоинството и светоста на исповедниците не се намалиле од тоа што некои од нив постанале неверни. Блажениот апостол во своите посланија говори: „Па што, ако некои не поверувале? Зар нивното неверување ќе ја уништи Божјата вера? Никако! Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец“ (Рим. 3,3-4). Поголемиот и подобар дел од исповедниците цврсто стојат во верата, во вистината на законот и Господовото благочиние. Не отстапуваат од Црковниот мир оние кои паметат дека во Црквата стекнале благодат според Божјото благоволение; па тие заслужуваат поголема пофалба за својата вера, зошто, оддалечувајќи се од вероломството на оние, со кои најпрво биле соединети во заедничко исповедание, избегале и од гревовната зараза. Просветени со вистинската Евангелска светлина, озарени со чистата и јасна Господова светлина, тие, како победници над ѓаволот во борбата со него, стануваат достојни за пофалба, за зачувувањето на Христовиот мир.

16.

Јас сакам возљубени браќа, советувам и убедувам, никој од браќата, ако е можно да не загине. И мајката (Црква), радувајќи се, да собере во своите прегратки едно тело, составено од еден согласен народ. Ако спасителниот совет не може да ги врати на патот на спасението некои од водачите на расколот и виновниците за несогласијата, кои пребиваат во слепотија и упорно безумство, тогаш, по крајна мерка, вие, кои сте уловени со вашата простодушност, или привлечени со измама, или прелажани со било каква итрина, раскинете ги лукавите мрежи, ослободете ги од заблудите вашите расклатени стапала и запознајте го вистинскиот пат кој води до небесата. Апостолот говори: „Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој живее неуредно, а не според преданието, што го добија од нас!“ (2. Сoл. 3, 6). И на друго место: „Никој да не ве мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста; и така, не станувајте нивни соучесници“ (Еф. 5, 6–7).

Потребно е да се оддалечуваме од оние кои намерно грешат, должни сме дури и да бегаме од нив, за ако некој се присоедини кон оние што живеат неуредно и одат со нив по патот на заблудите и пороците, да не нè оттргне и нас од вистинскиот пат, па да станеме и ние виновници во истиот грев. Бог е еден, еден е и Христос, една е и Неговата Црква, и верата е една, и народот е еден, собран во суштинско единство на телото, преку врската на слогата. Единството не треба да се дроби, а исто не треба да се дроби и едното тело преку раскинувањето на сојузот; не треба да се раскинува на парчиња со внатрешни поделби. Сè што се отцепило од изворот на животот, не може да има засебен живот и ја губи суштината на спасението. Светиот Дух, советувајќи нè, говори: „Сака ли човек да живее и да види добри денови, нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него“ (Пс. 33, 12–14). Синот на мирот е должен да го посакува и бара мирот; а оној, кој ја познал и ја возљубил врската на љубовта, должен е да го воздржува својот јазик од злобниот раскол. Господ, приближувајќи се веќе кон страдањата, меѓу останатите свои поуки и спасителни зборови, ни го предал и следново: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јн. 14, 27). Ете какво наследство ни подарил Христос! Во чувањето на мирот Он ги собрал сите награди и дарови на Своите ветувања. И така, ако ние сме Христови следбеници, тогаш, должни сме да пребиваме во Христовиот мир; ако сме ние Божји синови, тогаш должни сме да бидеме миротворци говори Он: „Блажени се миротворците, зошто тие ќе се наречат синови божји“ (Мт. 5, 9). На Божјите синови им прилега да бидат миротворци, со кротки срца, смирени во зборовите, согласни во чувствата, взаемно поврзани еден со друг во сојузот на еднодушноста.

Таква еднодушност имало и кај апостолите; и првите христијани, запазувајќи ги Господовите заповеди, цврсто се држеле до взаемната љубов. Тоа го потврдува и Божественото Писмо, кое говори: „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа“ (Дела 4, 32). И на друго место: „Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење со некои жени и со Марија, мајката на Исуса, и со браќата Негови“ (Дела 1, 14). Затоа нивната молитва била вистинска и можеле да се надеваат дека ќе добијат сè што просат од милосрдниот Господ.

17.

А во нас и еднодушноста осиромашила и штедроста во давањето се намалила. Тогаш ги продавале и домовите и селата, ѕидајќи си за себе сокровишта на небото, и заработката своја ја ставале пред нозете на апостолите, да се раздели таму каде што има потреба. А ние денес не одделуваме ни десетина од она што имаме и кога Господ ни заповеда да подадеме, ние уште повеќе збираме и умножуваме. Така во нас осиромашила и силата на верата! Така се намалила и силата на верните! Заради тоа и Господ, предвидувајќи ги нашите времиња, во Своето Евангелие говори: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата“ (Лк. 18, 8)? Ние гледаме дека претскажаното веќе се случува. Во нас нема никаква вера, ни во Божјиот страв, ни во законот на правдата, ни во љубовта, ниту пак во делата. Никој со страв за иднината не помислува за Господовиот ден и за Божјиот гнев; никој не зборува за казните кои ќе дојдат над неверниците, како и за вечните маки, предназначени за вероломните.

Нашата совест би се исплашила од сето тоа ако во тоа поверува; а бидејќи таа не верува, затоа и не се плаши. Ако поверува, таа ќе внимава на себе, па внимавајќи, би ги избегнала опасностите.

18.

Да се поттикнеме возљубени браќа, колку можеме повеќе во чувањето на Господовите заповеди и отфрлувајќи го сонот на претходната мрзеливост, да бидеме што повеќе бодри. Да бидеме онакви, какви што ни заповедал Господ, говорејќи: „Нека ви бидат бедрата стегнати и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба за да му отворите веднаш, штом дојде и почука. Блажени се оние слуги, што ќе ги затече господарот будни кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи“ (Лк. 12, 35–37).

Така нам ни прилега да бидеме стегнати, за да не нè затекне денот на расплетот во тешкотии и неподготвеност. Да засветли и да се просветли со добри дела, нашата светлина, која ќе нè изведе од темнината на овој век, кон светлината на вечната слава. Да го очекуваме во постојана грижливост и претпазливост ненадејното доаѓање на Господа, па кога Он ќе затропа, нашата вера да прими награда од Бога за својата храброст. Ако ние ги сочуваме овие наредби и ако ги запазиме овие поуки и заповеди, тогаш, никако нема да бидеме неочекувано затекнати и заспани со ѓаволската прелест, и како храбри слуги, заедно ќе соцарствуваме со Христос Владиката.

За единството на Црквата-Свети Кипријан Картагински  – симни