Одговор на Епископот Атанасиј (Јевтиќ) на интервјуто на расколничкиот архиепископ Стефан за „Политика“

Во вчерашна „Политика“ (09. 02. 2004 г.), објавен е „Разговор со Архиепископот охридски и македонски г. Стефан”, та по тој повод, заради неупатените читатели, сакаме да изнесеме извесни историски и црковно-канонски забелешки, бидејќи во тој текст (со потпис на Мирче Томовски), има многу неточности и невистини. Да појдеме со ред.

Не стои изјавата: „дури подоцна, од петтиот век, некои цркви се именуваат како автокефални, односно цркви, коишто имаат Епископ како своја глава, со суверена и независна власт”. Како прво, сите помесни цркви „имаат Епископ како своја глава”, бидејќи сите православни цркви од почеток се епископални, значи го имаат Епископот како Претстојател на литургиската заедница. Изразите, пак, „со суверена и независна власт” не се црковни/еклисиолошки, канонски изрази, туку државно-политички. (Дури ни зборот јерархија, израз од времето на Ареопагитските текстови, нема значење на власт, туку на свештен, спасоносен, благодатен поредок. Како на пр.: во црковниот јазик „монархијата на Отецот” не е „власт на Отецот”).

Значи, секоја Епископска Црква е „помесна Црква”, та новото значење на тој збор допрва треба да се објасни, а ниту тоа е, пред сè, државно и национално, за што очигледно се залага г. Стефан. Да речеме Грчката црква нема назив „Елиники” (како што има Грчката држава „Елиники димократија”), туку „Црквата на Елада” – во географска смисла. Исто така и СПЦ во времето на свети Сава и долго после тоа немаше назив „Српска”, туку „на сите Српски и Поморски земји”. Така ни историската Охридска Архиепископија не била врзана за некоја држава или нација, и нејзините привилегии не потекнувале од „каноните и праксата и традицијата на Православната црква”, како што сака г. Стефан (кој изгледа ја заборавил историјата, што кај мене ја полагаше).

Ако денес Српската Патријаршија, во согласност со сите Православни Цркви, сака на Црквата во РМ да ѝ даде автономија со називот „Охридска Архиепископија” (во врска со тоа и нејзините претставници го потпишаа Нишкиот договор), тоа е само затоа што Охрид е во границите на РМ, а не како тоа да е „обновување на Охридската Архиепископија”, бидејќи со неа сегашната Црква во Македонија (која?), не е во директна историска и црковно-канонска врска. Со ова, се разбира, не се доведува во прашање, а најмалку се оспорува правото на браќата во Р. Македонија да имаат своја нација и своја држава. Оние од Скопје, кои постојано тоа ни го „поттураат под нос” нам во Србија, едноставно бегаат од црковно на политичко поле. И нив не вреди да им се зборува дека СПЦ не го оспорува прашањето на нивната нација и држава (ниту тоа го има во Нишката спогодба, којашто ја остварува Митрополитот Велеско-Повардарски г. Јован, како Македонец, во Автономната Охридска Архиепископија).

Трето, г. Стефан од незнаење и на безочен начин го навредува свети Сава, којшто добро знаел на кого треба да му се обрати за автокефалија. Токму господата од Скопје не го прават тоа: тие сакаат самите на себе да си го дадат она што го немаат, и што црковно не се граба, туку се добива од „мајката Црква”, со согласност на сите останати Православни Цркви, без коишто ни „мајката Црква” не може тоа да го направи, согласно со вековниот поредок на Православните Патријаршии и Автокефални Цркви. Во времето, пак, на фамозниот Димитриј Хоматијан, Охридската Архиепископија – којашто не беше „мајка Црква” на Црквата во Србија, туку тоа беше Цариградската – имаше претензии да ја замени Цариградската Патријаршија, и самиот Хоматијан да стане Вселенски Патријарх, кога веќе својот штитеник, епирскиот деспот Теодор Ангел, во Солун го круниса за Византиски цар. (За тоа говорат историските извори, и г. Стефан, макар како мој студент по Историја на Црквата, би морал тоа да го знае; ако ли не од мене, тогаш од Острогорски, па и останатите научници). Оттука ни неговата фраза „три црковни центри на Балканот: Охрид, Трново и Пеќ” не е умесна – бидејќи и Цариград е на Балканот! – особено таа денес не стои еклисиолошки, т. е. црковно-канонски (а тоа значи дека без заедничарење – кинониа – како основна канонска категорија, нема Црква; ако неговиот колега Наум се заканува со „алтернативно единство” со разноразни „шизматици” и „самосвјати”, т. е. со „Црквом лукавнујуштих”, т. е. со парасинагога и секташтво, тогаш нека повели, но повеќе нека не ја спомнува Светињата на Црквата Христова во народот кадешто на Бога и на луѓето, во полно единство со сите Православни, служеле светите Климент и Наум).

Има уште прашања и потпрашања, но да завршиме со тоа што браќата во Скопје би ги советувале: да ја прифатат – од нас и од сите останати Православни Цркви – признатата денес Охридска Архиепископија, на чиешто чело сега е Митрополитот Велеско-Повардарски г. Јован и Епископите околу него, а тоа лесно може да постане и г. Стефан и братијата му, но кога ќе стапат во канонско единство и евхаристиско заедничарење со Соборното Православие, наместо да го продолжуваат безочното гонење на оние, коишто во Македонија тоа веќе го направија. Да ја прифатат како автономна, додека да дојде „полнотата на времето” канонско, еклисиолошко, црковно, за соборно-православна, а не за секташка „автокефалија”. Исто така би ги советувале за сите останати црковно-канонски прашања да не го следат комунистичкото наследство, туку братските, во Христа и Црквата, согласност и заедничарење, благодатно-евхаристиската заедница на сите Православни Цркви, бидејќи само тоа е православното црковно-канонско предание, и пракса, и љубов, и спасение, бидејќи тоа е следење на Христа – Главата на Црквата и Спасителот на сите луѓе и сите народи.

10 Февруари 2004 г.
+ Епископ Атанасиј,
вомировен Захумско-херцеговски