Почитувани новинари, ви се обраќам пред сè како засегнат граѓанин, но и како правник, за една сериозна состојба во нашето општество, која без престан медиумски се игнорира!

Имено, на официјалниот сајт на Православната Охридска Архиепископија (ПОА), излезе информација за кореспонденцијата на ПОА со Основниот суд Скопје 2, во однос на судската регистрација на оваа Црква, а по добиената (и тоа пред 16 месеци), меѓународна пресуда во нејзина корист од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Од спомнатата информација, кристално јасно се гледа тенденцијата на судот, по секоја цена да не го примени правото, да ја одложи регистрацијата, или воопшто да не ја регистрира споменатата црква. Инаку судот, правно гледано, повеќе нема зошто да влегува во полемика, да се дообјаснува и да го одолговлекува она што според меѓународното право е должен да го стори. Бидејќи истиот суд веќе претходно самиот расправал за регистрацијата на ПОА, погрешно го применил правото, бил тужен и го загубил спорот во Стразбур.

Сега, единствено што судот треба да стори е: да ја спроведе меѓународната пресуда, зошто со ратификацијата на меѓународните договори од оваа сфера, одлуките на овој меѓународен суд се над домашното законодавство, а нивното неспроведување повлекува санкција согласно со закон, за судијата кој треба да ја спроведе одлуката.

Во случајов, ова одложување и нерегистрирање на Православната Охридска Архиепископија е флагрантно кршење на правото и свесно неприменување на „Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права“, за кој нашата држава, самата се има обврзано дека ќе го применува, и тоа императивно. Тука, сигурно ќе се постави прашањето и каде е реакцијата од државната „Меѓуресорска комисија“, во чија надлежност е следењето на извршувањето на одлуките на Судот од Стразбур? Ќе ги повика ли некој на одговорност и членовите на оваа комисија, а тоа се: Министерот за правда, Министерот за внатрешни работи, Министерот за надворешни работи, Претседателот на Судскиот совет, Претседателот на Врховниот суд, Претседателот на Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на РСМ? Сите тие според законот, најмалку пет пати досега (од добивањето на пресудата за ПОА), се состанале со цел, следење на извршувањето на одлуките од Стразбур. Се состанале, а ништо не утврдиле!

Оваа состојба на неизвршување на одлуката на Судот од Стразбур од поодамна е воочена од повеќе организации за заштита на човековите права, а лошиот глас за нашата држава дојде и до Организацијата на Обединетите Нации, која ја констатираше повредата на правото со Извештај во нејзиниот Совет за заштита на човековите права. Исто така и американскиот Стејт Департмент се изјасни слично за темата.

Почитувани новинари, во услови кога Северна Македонија постојано моли за отпочнување преговори со ЕУ, китејќи се самата со успеси на внатрешен план, сведоци сме дека Европската Унија мисли спротивно и постојано ги одбива преговорите. Но, тоа не е без причина! Посоченово непочитување на правото, е токму една од поголемите причини за назадување на нашата држава во однос на евро интеграциите.

Затоа сметам дека ова поведение на Владата и правосудството, преминува веќе во сериозно загрижувачка состојба, бидејќи државата постојано демонстрира дека кај нас не владее правото и не се применуваат европските вредности и закони.

Ја користам оваа прилика и апелирам до вас како новинари, со желба да ве поттикнам, исклучително да посветите време на овој не мал проблем на непочитување на човековите слободи и права, да му дадете транспарентност, да не го прикривате, зошто последиците од тоа ги видовме сите – недобивање датум за преговори!

Отворете ја оваа тема, повикајте компетентни личности од ПОА, повикајте го Архиепископот охридски Јован во некои од Вашите емисии или печатени изданија, бидејќи од 2002 г., до денес, 2019 г., не поминал ниту еден ден, а да не трае некоја затворска казна или судски процес против него. Таков процес трае и денес и сите соодветни институции на ЕУ знаат за тоа, само кај нас оваа тема се става под тепих!

Неспроведувањето на одлуката на Европскиот суд од Стразбур за регистрирање на ПОА, не е некој апстрактен проблем, туку проблем кој укажува дека судството, но и другите институции кај нас не функционираат. Очигледно е дека ЕУ посветува големо внимание и го набљудува нефункционирањето на системот токму преку примери каков што е овој со ПОА! Затоа, придонесете за отворање дијалог со ПОА, актуелизирајте го нејзиното прашање, за да не останеме вечно посочувани од меѓународната заедница како „заробена и делумно слободна држава“ во која нема владеење на правото, та следствено и да не останеме вечно во чекалната кон посакуваната Европска Унија.

Со почит,
Георги Тасев (дипл. правник)